vesti24.mk
ЗАБАВА

ДАЛИ ЗНАЕТЕ: Како почнало летното и зимско сметање на времето?

ECA

На Македонија ѝ претстои усогласување на националното законодавство со ЕУ-легислативата, а тоа се однесува и на сметањето на времето

Од денеска почнува зимското сметање на времето. Рано утрово стрелките од 3 часот беа вратени на 2 часот. Дали ќе биде последно поместување на стрелките или светската пандемија ќе влијае врз одлуката Европската Унија да ја прекине оваа практика во 2021 година? На 26 март лани Европскиот парламент го усвои предлогот на Европската комисија различното сметање на времето да престане во 2021 година. Секоја земја-членка ќе треба да одлучи дали перманентно ќе остане според летното сметање на времето или ќе продолжи да го менува.

На Македонија ѝ претстои усогласување на националното законодавство со ЕУ-легислативата, а тоа се однесува и на сметањето на времето и определување начин како би се спровело тоа. Треба да се направи детална анализа во која ќе бидат опфатени сите фактори (социјални, економски…) и која ќе мора да ја усвои нашата Влада. За прашањето е надлежно Бирото за метрологија, кое тековно ги следи случувањата со процесот на усвојување на директивата за прекинување на сезонските промени на времето.

Интересно е како почнало и како се одвивало менувањето на времето низ годините. Практиката првпат ја вовела Германија во пикот на Првата светска војна, на 30 април 1916 година. Часовниците во Германската Империја биле наместени за еден час нанапред и така почнало првото летно сметање на времето. Иако гратче во Канада експериментирало со сезонско менување на времето уште во 1908 година, имплементацијата во Германија ја разгорела искрата и трендот набргу се раширил низ цела Европа. За извонредно кратко време неколку земји почнале да го користат летното сметање на времето, вклучувајќи ги Обединетото Кралство, Франција, Италија, Русија, па дури и Австралија. Првата промена на времето во САД се случила во 1918 година.

Сепак, во повеќето земји првичниот ентузијазам кратко траел. Германија престанала да го поместува часовникот во 1919, а Австрија во 1921 година, додека Обединетото Кралство, Ирска и поголемите градови во Франција, како Париз, продолжиле да го поместуваат времето. Французите имале измешани чувства за оваа практика. На тие што живееле во руралните средини не им се допаднало и го напуштиле во 1920 година, додека Париз и другите големи градови сè уште го практикувале. Во 1923 година францускиот кабинет решил да ја укине смената на времето, но работните часови да почнуваат 30 минути порано од 28 април и 3 ноември. Но, Париз го задржал менувањето на времето.

За време на Втората светска војна повторно се раширило низ Германија, а потоа и низ повеќе европски земји. Всушност, командантите на Хитлер ја наметнале оваа мерка во многу земји што ги окупирале, како Данска и Полска.

Во многу земји летното и зимско сметање на времето се користело и по Втората светска војна, главно за заштеда на горива со цел национално закрепнување и програми за обнова. Обединетото Кралство го имплементирало британското двојно летно време, кое било дури два часа пред стандардното, и пред и по завршувањето на војната. Многу европски земји подоцна ја напуштиле оваа мерка зашто станала потсетник на самата војна.

Уште една светска криза предизвикала повторно воведување смена на времето, кога Организацијата на арапските земји што извезуваат нафта (OAPEC) ставила ембарго во октомври 1973 година. Цените на нафтата скокнале до небо и предизвикале рецесија на цел континент. Оваа ситуација повторно поттикнала драстични мерки. Франција била првата што го вратила летното и зимско сметање на времето во 1976 година. Веќе до крајот на 70-тите години речиси цела Европа двапати годишно го менува времето.

Во 1996 година Европската Унија го стандардизирала распоредот, а оваа директива сè уште е во сила. Земјите во Европската економска зона (ЕЕА), освен Исланд, го враќаат времето за еден час во последната недела од октомври, а го поместуваат напред за 1 час во последната недела од март. И Швајцарија го следи овој распоред иако не е членка на ЕЕА.

Но, оваа практика наскоро може да се укине откако Европскиот парламент гласаше трајно укинување на смената на времето во Европската Унија, почнувајќи од 2021 година.

Извор: Факултети.мк

извор:курир.мк

Loading...

Related posts