vesti24.mk
ВЕСТИ МАКЕДОНИЈА

И понатаму трицифрен број на новозаболени, голем е бројот на асимптоматски случаи

ECA

Здравствените власти вчера повторно регистрираа трицифрена бројка на новозаболени од Ковид-19 во земјава, но висока е и бројката на оздравени пациенти. Министерот за здравство Венко Филипче вели дека ситуацијата е стабилна и под контрола.

Според информациите од надлежните институции, во изминатите 24 часа од вкупно направени 1971 тестирања дијагностицирани се нови 188 заболени, додека бројот на оздравени е 268. За жал, билансот на починати лица останува ист, односно и вчера се регистрирани пет починати лица.

И натаму, најголем број од заболените се од Скопје, а главниот град е лидер и во бројот на активни случаи.

Според првиот човек во здравството, ситуацијата е стабилна бидејќи подолго време, од вкупно направените тестови, позитивни се околу 10 до 15 проценти, а со тестирањата се откриваат голем број асимптоматски случаи.

Во изјава за телевизија „Телма“, Филипче вчера нагласи дека кадарот е добро организиран со системот на ротација на лекарите и медицинските сестри од одделенијата за интерна медицина во одделенијата за инфектологија. Болниците, како што посочи тој, имаат доволно капацитет со оглед на процентот на хоспитализирани пациенти, а наскоро се очекува со редовно работење да почне ГОБ „8 Септември“.

– Овој начин на пристап, во однос на индикацијата за тестирање, а тоа е тестирање на сите кои имаат симптоми, меѓутоа и лицата кои се контакти и имаат исклучително висок ризик, е добра стратегија што треба да продолжи, заради тоа што се откриваат огромен број асимптоматски носители и со тоа се ставаат во изолација. На тој начин се спречува ширењето на инфекцијата. Еден од најдобрите индикатори како е сега ситуацијата е капацитетот во болниците – има сосем доволно слободни кревети на Инфективната клиника и во ГОБ „8 Септември“. Ние планираме веќе од следната недела да почне и распоредување на пациентите од ГОБ „8 септември“ на Инфективната клиника, имајќи предвид дека таму има сосем доволно слободни кревети, а целосно е празна и модуларната болница, за да почне редовниот програм во ГОБ „8 Септември“, пред сè во делот на ортопедијата, истакна Филипче.

Здравствените власти уверуваат дека е направен план и за есенскиот бран којшто се очекува. Целта е да се дополнат капацитетите во сите општи и клинички болници низ државата за да се направат мини инфективни одделенија по примерот на модуларната болница во Скопје и тие да бидат одвоени од болниците во кои ќе се третираат пациентите со вообичаена патологија.

Претседателот на Комисијата за заразни болести Жарко Караџовски вели дека се планира и зголемување на капацитетите за тестирање и дијагностика со вклучување на уште три институции со што ќе се зголеми дневниот капацитет за тестирање за Ковид-19.

Тоа, како што појасни Караџовски, би значело да се прават уште 200 до 300 брисеви дневно со што би се зголемила бројката на дневно направени брисеви, односно од 1.500 дневно би можело до крајот на календарската година да се прават и до 2.000 тестови дневно.

Од почетокот на пандемијата, во земјава се регистрирани 10503 заболени од Ковид-19. Бројката на оздравени пациенти е 5931, а на починати е 476. Во моментот, бројот на активни случаи во земјата изнесува 4096.

извор:курир.мк

Loading...

Related posts