vesti24.mk
ВЕСТИ МАКЕДОНИЈА

Над 78.000 пријавени за вакцинирање во Македонија

ECA

Со вакцинација и почитување на мерките за заштита ќе се сузбие пандемијата со Ковид-19, уверуваат здравствените власти. Вакцинацијата против Ковид-19 во земјава почна вчера во модуларната болница на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби. Со вакцината на „Фајзер“ беа вакцинирани докторка и главна медицинска сестра од Клиниката за инфективни и фебрилни состојби, а потоа следеше и вакцинација на другите од таа јавна здравствена установа.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера изјави дека 70 отсто од целокупниот број на здравствени работници сакаат да се вакцинираат против КОВИД-19.

– Вакцините се безбедни, развиени на сигурни платформи. Штитат 100 отсто, буквално сите вакцини кои се сега на пазарот, штитат од смрт и од тешка форма на болеста. Тоа е единствениот начин да се смени сликата за пандемијата во светот, потенцираше Филипче. Додаде дека се уште е рано за целосно да се опуштиме заради тоа што сепак тука е детектирана британската варијација, мутација на коронавирусот.

Имунизацијата од Модуларната болница се врши со 4.680 од предвидените 8.000 дози вакцини од производителот „Фајзер“ кои државава го доби како донација од Србија. Со пристигнувањето на другите дози вакцини во државата, ќе се врши дистрибуција на вакцини низ останатите здравствени домови во земјава каде вакцинацијата ќе се спроведува во постоечките вакцинални пунктови. До крајот на месецов се очекуваат и 200 илјади вакцини од кинеската компанија „Синофарм“. Во земјава треба да пристигнат и дополнителни дози од „Фајзер“ кои се обезбедени од директните преговори со компанијата, како и дози преку Ковакс системот.

До вчера до 14 часот вкупно 53.070 граѓани беа пријавени за вакцинирање против Ковид-19 преку веб-страницата „vakcinacija.mk“, а преку матичните лекари 24.958 лица.

Нови 347 случаи на КОВИД-19 од направени 2.383 тестирања беа евидентирани во вчерашниот билтен на Министерството за здравство. Оздравени се 168 пациенти. Починаа седум лица, од кои шест во болнички услови, а еден во домашни услови.

Од новите позитивни на КОВИД-19, повторно најмногу има во Скопје – 157, Прилеп – 35, Кавадарци – 26, Охрид -19, Куманово – 14, Штип и Неготино по 13, Тетово – 12, Гевгелија – 10, Велес и Крушево по 6, Битола, Гостивар и Делчево по 5, Струга, Дебар, Крива Паланка и Виница по 3, Ресен, Валандово и Кратово по 2, Струмица, Кочани и Македонска Каменица по еден. Од починатите лица, четворица пациенти биле од Скопје, на возраст од 80, 79, 69 и 61 година, по еден пациент од Куманово (80 години), Велес (66 години) и Прилеп (61 година).

Досега во земјата се направени вкупно 492.374 тестирања на КОВИД-19. Вкупниот број на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 97.803, бројот на оздравени пациенти е 88.469, на починати е 3.010, а бројот на активни случаи изнесува 6.324.

извор:курир.мк

Loading...

Related posts