vesti24.mk
ВЕСТИ

Најавениот образовен концепт наспроти наставата по историја

ECA

Пред само некој ден, за време на интервју на една бугарска телевизија, министерот за одбрана на Р. Бугарија, Красимир Каракачанов, изјави дека според него не е доволно да се укине предметот историја во Македонија (во основното образование) и истиот да се интегрира во нов предмет, ,,општествени науки”, бидејќи од негова гледна точка и таму би можело да се протнат истите досегашни одредени тези од учебниците по историја во кои што министерот гледа наводни навреди и лаги во однос на бугарскиот народ и во толкувањето на историјата. Целта на текстов воопшто не се движи во правец на тоа да навлегуваме во расправа за учебниците и историската вистина, туку, повеќе се однесува на конекцијата на оваа изјава со новиот најавен образовен концепт и во продолжение накратко ќе се задржиме на таа тематика.  Имено, досега во јавноста не беше забележан коментар од страна на официјално лице од Р. Бугарија во однос на најавената реформа, во чиј центар на фокусот, секако се промените околу предметот историја. За првпат, експлицитно се гледа (иако верувам сите сме свесни за тоа и без наведениов пример) дека официјална Софија будно ги следи овдешните дискусии преку коментар за реформата во однос на тоа дали ги задоволува бугарските барања и дали придонесува за некакви извесни промени во однос на нивните позиции. Министерката Мила Царовска и премиерот Зоран Заев даваа збор дека меѓудругото, зад овој најавен модел не стои некаква дипломатска позадина, односно, дека зад идејата не се крие некаков дипломатски притисок или пак уцена.

Голем број на стручни лица од различни научни и образовни институции изреагираа во нашата домашна јавна сфера со мнение дека една од причините зошто толку се форсира овој концепт е и своевидната дипломатска порака која би требало да и се испрати на Бугарија преку намалувањето на обемот на историски содржини во засега, основното образование. За понатаму, можеме само да претпоставуваме дека би се движела линеарно промената во средното и високото образование. Навистина, тешко би се избегнало прашањето, дали токму затоа министерката Царовска, неаргументирано, без поширока и соодветна дебата (јасно и официјално го потенцираше тоа), со многу мал број на нејзини поддржувачи и соработници наспроти реакциите на цели академски институтиции, се обидува да ја протурка оваа реформа? Засега, ова прашање официјално ќе стои отворено, но,  воочувајќи ја покрупната слика во однос на актуелната ситуација и констелацијата на односи на Балканот, имаме потполно право на сомнеж.

Во вториот дел од оваа статија, како наставник по историја во средно образование, би се задржал повеќе околу губитокот на одредени воспитно – образовни функции кои во голема мера ќе бидат маргинализирани во образовниот процес и целовкупниот развој на децата како личности, како и други проблеми кои би се јавиле во историската настава со новиот модел. Првенствено, да образложиме дека е неминовен процесот на  намалување на наставните содржини од предметот историја доколку се реализираат овие најавени реформи. Во случајов, можеби најинтердисциплинарниот предмет, се доведе до негово фрагментирање, каде што се најавува дека требало да се постигне, што… уште поголема интердисциплинарност??? Корелацијата со другите предмети не е ниту новост, ниту изоставен дел од наставата по историја и верувам и ја уверувам јавноста дека не е ниту возможно да не постои интердисциплинарен пристап во историската настава. Да напоменам дека апсолутно сум за подобрување на програмата и учебниците, но, далеку од ваков тип. Како што е најавено, понатаму овој концепт ќе се преслика и во повисоките образовни степени. За да биде покноцизно претставено она што сакам да го потенцирам на јавноста и во интерес на времето на читателот, само неколку позначајни ќе истакнам во следниве четири точки (иако на темава би можело да се започне и цел серијал на колумни):

  1. Историјата како предмет, генерално гледано, ја има една од централните улоги во формалното образование кога станува збор за градење на национален идентитет кај помладите генерации. Ова не е нешто тајно и  прикриено,  туку, јавно и слободно се коментира и анализира како општествен процес помеѓу научната фела во светски рамки. Најавениот концепт, несомнено би имал крупно влијание врз намалувањето на оваа функција на предметот историја.
  1. Историјата, во речиси сите светски образовни институции од било кое ниво, се изучува хронолошки, (антика, среден век, нов век, најнов век) и тоа не е случајно бидејќи учениците меѓудругото треба да го согледаат подетално процесот на созздавањето на една цивилизација, подемот, крајот на истата и како одредени културни, вредносни и други елементи влегуваат во основа на некоја друга или нова цивилизација. Преку, главно проблемската настава како што се најавува, од програмата ќе се изостават бројни пример кои можат на учениците да им ги претстават овие процеси.
  1. Општо гледано, се губи голем дел од фактографијата – (за жал, не беше претставено воопшто кои колеги историчари работеа на новиот концепт, иако министерката напоена дека постојат одредени консултанти. Затоа постојат потешкотии да се отвори расправа во нашата фела.) Би запрашал,  по кои и чии критериуми и стандарди ќе се одлучува што да се задржи а што да се укине од наставната програма и учебниците? Истата промена сериозно влијае на критичката мисла и аналитичките способности кај учениците бидејќи со повеќе историски примери се добиваат повеќе можности за компарации помеѓу разни општества, држави и слично и повеќе можности за актуелизација на одредени проблематики.
  1. Значително се намалуваат примерите кои можат да се искористат при презентирањето на методолошките пристапи на истражување во историската наука за време на наставата. Истите се многу важни за развиток на целовкупната слика кај ученикот за тоа како се развиваат науките и научните дисциплини.

Ова се само мал број на проблеми кои што би се отвориле во наставата по историја во формалниот образовен процес и кои што директно би биле на штета на нашите млади генерации. За крај, би потенцирал нешто што веќе поголемиот дел од јавнота го воочи но, уште еднаш да повториме за тоа каков пример всушност им дава министерката на нашите најмлади генерации со начинот на дејствување при обидот за реализација на оваа идеја. Имено, уште еднаш да потенцираме дека уште од стартот овој модел несомнено е пример за  нетранспарентост, најавен без сериозна можност за дебата преку еден недемократски пристап.  Да го парафразирам премиерот Заев, да, образованието е за децата и треба да мислиме најдобро за нив, (секако дека е така, иако е повеќенасочен процес бидејќи на пример и ние наставниците учиме од нив и постојано се развиваме преку искуствата во наставата…) но, да не заборавиме дека неколку десетици илјади наставници постојат во државата кои што исто така обезбедуваат средства за своите семејства, генерално преку платите кои што ги добиваат па оттука би потенцирал дека истиот концепт засега е без конкретни гаранции за работните места на голем дел од наставниците (кои би биле опфатени според нацрт – планот) преку, на пример, едно солидно образложение во однос на тоа како е предвидениот план околу обезбедувањето на часови.

м-р Борче Милошески

Наставник по историја во СУГС Гимназија ,,Никола Карев”

извор:курир.мк

Loading...

Related posts