vesti24.mk
Uncategorized

Пелистер и Шкендија ќе играат за вториот трофеј во Купот на Македонија

ECA

Во финалето за Купот на Македонија, кое се игра во Струмица, на стадионот „Младост“ од 17 часот, ќе се сретнат бранителот на трофејот Шкендија и Пелистер.

Струмица по втор пат ќе биде домаќин на финалето на Купот, по 2002 година, кога Победа од Прилеп го освои првиот и единствен трофеј со победата од 3-1 против Цементарница.
„За мене ова е трето финале на Купот, ако не успеав со Пирин и со Билиш да му се израдувам на пехарот, тогаш од сѐ срце посакувам да го освојам сега. Пред нас е големо финале, Шкендија заслужува респект, но Пелистер има посебен дух, нашиот мотив е голем, знаеме добро дека Пелистер и Битола чекаат цели 16 години на трофејот на Купот“, изјави Наџи Шенсои, тренерот на Пелистер, на вчерашната прес-конференција.
„Во добра форма сме, на последните шест меча забележавме четири победи и две ремија и со победнички мисли влегуваме во финалето. Позната е изреката на Цезар ’На народот љубов, игри и леб’. Тоа би сакал да се случи, ние сме во улога на гладијатори, но сакам натпреварот да се заврши во духот на ферплеј“, додаде тренерот на Пелистер.
Шкендија е бранителот на трофејот од лани, па сигурно ќе даде сè од себе за да се закити со нов пехар и да се рехабилитира од тоа што не ја освои шампионската титула, која ѝ беше примарна цел сезонава.
„Ние сме подготвени за ова финале, станува збор само за еден натпревар. Очекувам интересен меч и нека победи подобриот. Ние можеби сме фаворити, но тоа ништо не значи. Апелирам на коректна игра од двете страни, ова нека биде финален меч за паметење“, изјави Ерхан Селими, шефот на стручниот штаб на Шкендија.
Пелистер пред една година играше во втората лига. Откако се смени раководство, клубот комплетно се прероди и имаше одлична сезона.
„Стигнавме до финалето, четврти сме на првенствената табела, оваа сезона за нас е успешна, а доколку го освоиме Купот, ќе биде суперуспешна“, изјави Горан Пашовски, капитенот на Пелистер.
Ардијан Цуцули, капитенот на Шкендија, изјави дека очекува добар и интересен натпревар.
„Респект кон противник каков што е Пелистер. Посакувам да го освоиме пехарот за да ја спасиме сезоната, да не останеме без трофеј“, изјави Цуцули.
Денешниот финален натпревар за Купот на Македонија ќе се игра под мотото „Фудбалот на прво место“.

Loading...