vesti24.mk
ВЕСТИ

Преспанското езеро умира, власта без слух за решавање на проблемот

ECA

Вистинска еколошка катастрофа му се случува на Преспанското езеро. Надлежните ниту работат на прецизирање на тоа кои се причините за оваа ситуцаија, уште помалку се заинтересирани за изнаоѓање на решение.

Ова не е прв ваков случај со празнење на Преспанското езеро. Од Министерството за животна средина велат дека ја следат состојбата со Преспанското езеро, а државата се уште нема најавено решенија за спас на езерото. Еколозите укажуваат дека се детектирани две точки за празнење на езерото, надводнување на нивите во преспанскиот регион, како и наводнување во Грција и Албанија, и истекот на Преспанско во Охридско со што се надополнува изгубената вода во Охридско чии ресурси ги користи ХЕЦ Глобочица и Шпилје.

И лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски уште во месец март реагираше и го обвини Зоран Заев дека стои зад празнење на езерата во државата, како што објасни тој причина за ова е неспособност и алчност. Според него, сите акумулации во државата доживеале драстичен пад на водостојот, а на државата ѝ се заканувала суша.

Причината за ваквата катастрофална ситуација, според Мицкоски е што актуелната власт произведувала елекрична енергија со хидроцентралите, немилосрдно испуштајќи ја преостанатата вода од акумулациите со цел да произведе повеќе електрична енергија.

-Зоран Заев ги опустоши езерата за личен профит. Тиквешко езеро намалено за 70%. Езеро Калиманци намалено за 75%. Езеро Турија намалено за 65%. Прилепско езеро намалено за 85%. Преспанско езеро – изгубена вода во количина колку две Дојрански езера. Стрежевско езеро намалено за 72,5%. Негрижата на Владата ги уништи македонските езера. Зоран Заев се што фати исуши, изјави Мицкоски.

На ова реагираше директорот на ЕЛЕМ, Васко Ковачевски кој вели дека причина за ваквата ситуација е сушна година.

-Хидроцентралите работата со намален капацитет односно само со 60% од својата сила, зашто имаме сушна годинава, а акумулациите се одржуваат на еколошкиот минимум. Поради намаленото ниво на вода, РЕК Битола работи турбо. Термоцентралата го надмина производството со 114 насто и лани произведе над 3.000 гигават часови електрична енергиј, изјави Ковачевски.

И група на граѓани годинава уште во февруари месец реагираа за Преспанското езеро, преку онлајн петиција, при што порачаа дека Преспанското езеро е едно од трите природни езера во државата, како и дека во него има богата историја и е дом на разновидна флора и фауна како и дека езерото е живеалиште на најпознатата риба, крап.

Како што се наведува во петицијата, тие порачаа дека природните и еколошки катастрофи не познаваат политичка партија, религија или нација, но и побара од министерството за животна средина да не го заборави Преспанското езеро.

„Природните и еколошки катастрофи не познаваат политичка партија, религија и нација. Промената треба да започне од нас како индивидуи, за потоа да побара поддршка од поголемите институции. Ајде да ја потпишеме оваа петиција и да ги потсетиме надлежните од Министерството за животна средина да не го заборават Преспанското Езеро и да ги направиме сите напори за да го спасиме од исчезнување“, се наведува во петицијата.

Многу туристи поминаа летово во Преспа, алармираа, но власта останува без слух за проблемот.

извор:курир.мк

Loading...

Related posts