vesti24.mk
ЗАБАВА

Утре се празнуваат Св. апостоли Аристарх, Пуд и Трофим, Св. маченик Сава Готски и Св. маченички Василиса и Анастасија

ECA

Според календарот на МПЦ утре се празнуваат Светите апостоли Аристарх, Пуд и Трофим, Светиот маченик Сава Готски и Светите маченички Василиса и Анастасија.

Светите апостоли Аристарх, Пуд и Трофим

Од бројот на Седумдесеттемина апостоли. Аристарх беше епископ во Апамија Сириска. Апостолот Павле го спомнува неколкупати (Дела 19, 29; Колосјани 4, 10; Филимон 23). Во Ефес беше фатен од толпата заедно со Гај. Тој народ тогаш се беше кренал против Св. апостол Павле. Павле им пишува на Колосјаните: „Ве поздравува Аристарх којшто е со мене во ропство“. Во Посланието до Филимон Павле го нарекува Аристарх свој помошник, заедно со Марко, Димас и Лука. Пуд беше угледен римски граѓанин. Апостолот Павле го спомнува еднаш (II Тимотеј 4, 21). Домот на Пуд најпрво беше засолниште за врховните апостоли, а потоа се претвори во црква, наречена Пастирска. Трофим беше од Азија (Дела 20, 4) и го придружуваше Св. апостол Павле на патувањата. На едно место Павле пишува: „Трофим го оставив во Милет болен“ (II Тимотеј 4, 20). За времето на гонењата од Нерон, кога беше убиен Св. апостол Павле, беа убиени и овие тројца славни апостоли.

Светиот маченик Сава Готски

Во готските краишта имаше сурово гонење на христијаните. Еден готски кнез дојде во селото каде што живееше благочестивиот Сава и ги запраша селаните има ли во нивното село христијани. Тие му се колнеа дека нема ниеден. Тогаш Сава застана пред кнезот и рече: „Никој нека не се колне за мене, зашто јас сум христијанин.“ Кога го виде беден и сиромав, кнезот го пушти во мир велејќи: „Од тебе нема ни полза ни штета“. Другата година на Воскресение дојде еден свештеник Сансал во тоа село и ја отпразнува светлата Пасха заедно со Сава. Слушнаа за тоа незнабожците, па ненадејно го нападнаа домот на Сава и почнаа немилосрдно со стапови да ги бијат Божјите угодници. Сава пак, го соблекоа гол и го влечеа по трњето, а потоа двајцата ги врзаа за дрво и им нудеа месо од идолските жртви. Но сеќавајќи се на апостолските зборови Божјите луѓе одбија да јадат од скверните ѓаволски жртви. Најпосле кнезот го осуди Сава на смрт и им го предаде на војниците. Преполнет со радост Сава тргна на губилиштето фалејќи Го Бога. Кога го видоа дека е добар човек, војниците патем посакаа да го пуштат, но тој многу се нажали и им зборуваше дека тие се должни да ја исполнат заповедта на својот кнез. Тогаш војниците го одведоа до една река, му врзаа камен на вратот и го фрлија во водата. Неговото тело беше исфрлено на брегот. Подоцна, во времето на царот Валент, војувајќи со Готите грчкиот војвода Јуниј Соранос го најде телото на Свети Сава и го пренесе во Кападокија. Свети Сава пострада во триесет и првата година од животот, во 372 година.

Светите маченички Василиса и Анастасија

Две благочестиви римјанки. Во времето на царот Нерон ги собираа телата на убиените апостолски ученици и чесно ги погребуваа. За ова беа обвинети и фрлени во затвор, а после долги мачења, во кои им ги отсекоа јазиците и градите, ги обезглавија.

извор:курир.мк

Loading...

Related posts