Американски експерти ќе испитуваат злоупотреби на електронската распределба на судските предмети

358

Владата ќе бара помош од американска софтверска компанија за да ги испита евентуалните злоупотреби на АКМИС системот за електронска распределба на предметите кај судиите, неофицијално дознава САКАМДАКАЖАМ.МК од владини извори.

Контролата е наведена во Владиниот план за реформи 3-6-9, каде во делот за итните судски реформи се вели дека ќе има „спроведување контрола и увид во системот за управување со судски предмети (АКМИС) за утврдување на евентуална злоупотреба и одговорност“.

Од судски извори СДК дознава дека по објавувањето на овој дел од планот 3-6-9, високи судски службеници се координирале да излезат во јавност со оправдание дека АКМИС системот не работи како што треба. Ова се совпадна и со барањето на судијката Моника Бахчовановска, која самата побара изземање од оценката на обвинителниот акт во 2 од 5-те случаи на СЈО што системот електронски ѝ ги доделил. В.Д. претседателот на Кривичниот суд Стојанче Рибарев ѝ го прифати барањето за изземање.

Рибарев не е достапен да објасни зошто го прифатил барањето за изземање. Од судот потврдија дека е на боледување и дека ќе се врати в понеделник.

Американски ИТ експерти кои веќе биле консултирани велат дека преку логовите во системот може да се откријат евентуалните злоупотреби со местење на предмети кај точно одредени, подобни судии, т.е. дали и како се изигрувал АКМИС системот во случајната распределба на судските предмети. Тоа е слично како помошта што СЈО лани ја побара и ја доби од експертот на странскиот призводител на опремата за следење на комуникациите на УБК.

Loading...