АЗДИСАНОСТ ДО БЕСКРАЈ: Екс министерот и заменикот за земјоделство од државна сметка трошеле во скапи бутици, спа центри, клубови, плажи

1266
На државен трошок се пазарело во бутици за брендирана гардероба и обувки, спа центри, маркети, аптеки, клубови и плажи.
Поранешниот министер за земјоделство, Михаил Цветков, во последната година и половина, со службената картичка купувал облека од бутиците Битциани, Атила, Том Тејлор, но и од Ваикики, Котон и Њујоркер. Некаде плаќал по 20 евра, некаде и по 300 евра, зависно од бутикот. Само една од сметките, покажува дека Цветков, во еден ист ден си купил облека во Битсиани, а потоа ја посетил и продавницата за чевли Пеко. Пазарел и во Нептун, но потрошил и нешто повеќе од 100 евра во Топ Шоп, како и во Прима Оптика и Спорт Висион. А најчести ги посетувал хотелите Силекс и Кратис во Кратово.
Телевизија 24 стапи во контакт со Цветков, но тој одби да коментира. Кусо посочи дека нема никакви злоупотреби на службената картичка, и го прекина телефонскиот разговор.

За разлика од Цветков, неговиот заменик Ванчо Костадиновски, не пазарел по бутици со службената картичка. Но често вадел кеш. За година и половина извадил околу 4 илјади евра. На денот на независноста, Костадиновски во трговскиот центар Сити Мол, извадил кеш од 500 евра, а потоа малку подоцна, со картичката плаќал во познат ресторан во трговскиот. Врз основа на платените патарини, од нешто повеќе од 100 евра, Костадиновски често патувал низ Македонија и надвор од државата. Со службената картичка плаќал, во рибни ресторани на Ушче во Белград, спиел во хотелот Хајат за што платил околу 200 евра, но и таму вадел кеш. Во Бугарија, бил во клубот Рок анд Рол, а потоа плаќал и во спа центар и тоа околу 300 евра. И секако вадел и кеш. Во Словенија пак, спиел во хотел Шеретон каде платил 436 евра, а плаќал и карти во Постојинска јама.
Во земјава на државна сметка купувал и сендвичи од 150 денари, плаќал сметки на охридските плажи од 370 денари, но и за вечери кои чинеле и по 500 евра во луксузни ресторани. Се плаќало и во аптеки и клубови за куглање, и стрелаштво.
Костадиновски остана недостапен да одговори за што се ја користел службената картичка.
Функционерите од ова министерство, на државен трошок, пазареле и во локалните маркети како Веро, Тинекс и Рамстор. Но, исто така и покрај Верна картичките со кои се точи бензин, тие дополнително и со служебените картички правеле трошоци за гориво.
„ Вакви документи кои го покажуваат начинот на кој се трошеле државните пари, баравме и претходно, кога на власт беше ВМРО-ДПМНЕ, и тоа од повеќе институции. И покрај законските обврски да ги достават се изнаоѓаа различни начини тие да не бидат јавно обелоденети. Сега новата власт го крена нивото на транспарентнотс, но истото ќе треба да го задржи и кога ќе сме бараат сметките за трошењето на новите функционери.“
Извор: ТВ24
Loading...