Барџиева–Трајковска: Музејот на ВМРО може да остане без статусот културно наследство

97

Нема ништо спорно да се избрише статусот на културно наследство на Музејот на ВМРО и Порта Македонија, затоа што во моментот кога тој бил отворен сè уште го немал карактерот на музеј, вели Донка Барџиева – Трајковска, претседателка на Центарот за заштита на културно наследство, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Госпоѓо Барџиева-Трајковска, по смената на власта се најавуваат и промени во идеолошкиот и контроверзен проект Скопје 2014. Што мислите, како треба да се решат дилемите околу овој проект? Што треба да се прави?

Јас во неколку наврати уште на почетокот, кога открив одредени небулози, во правна смисла на зборот, во самиот проект Скопје 2014, констатирав и сметам дека е така, според законските одредби, затоа што најголемиот дел од изградените објекти ѝ припаѓаат на категоријата споменици и спомен обележја, би требало да бидат регулирани според законот, којшто е токму за таа намена – закон за меморијални споменици и спомен обележја. Значи процедурата за справување со овој проблем, со овој таканаречен проект е тој да се врати во Собрание. Дали ќе се формира собраниска комисија од експерти, дали тоа ќе бидат мешани комисии, меѓутоа различни ефекти од овој проект мора да ја поминат собраниската процедура и таму да се донесе одлука што понатаму. Тоа што го прескокна поранешната власт сега ние би требало да го надоместиме, барем процедурално, и сето тоа да биде во рамките на законот.

Сведоци сме на многу новопрогласени објекти за културно наследство, меѓу нив спаѓаат и зградата на Археолошкиот музеј, Порта Македонија, Музејот на ВМРО и уште неколку постари објекти како Музејот на Македонија и Музејот на современа уметност. Има ли потреба да се интервенира во овој сегмент на новопрогласени споменици на културно наследство?

Во постојниот закон за заштита на културното наследство постои одредба за прогласување на културно наследство од ваков тип, дури за нив не би требало ниту посебна одлука да се носи, затоа што станува збор за музејски комплекси, во којшто како објекти, како згради вредноста не ја добиваат сами по себе како градби, туку затоа што во нив се наоѓаат значајни збирки. Ние имаме такви значајни збирки коишто се чуваат и во постарите музеи, и тука нема ништо спорно. Многу е спорно во случајот со таканаречениот Музеј на ВМРО, затоа што во моментот кога тој бил отворен како музеј, сè уште го немал карактерот на музеј, затоа што требало да има оформена музејска збирка. Процесот на инвентаризација и на вреднување на предметите коишто се таму сè уште трае, што значи дека за овој објект, вклучително и за Порта Македонија, којашто е прогласена за некаков депанданс на самиот музеј, нема ништо спорно нивниот статус да се брише. Меѓутоа тоа повторно треба да се направи со една комисија која ќе треба да изврши ревизија на одлуките, на карактерот на збирките, дали е задоволена процедурата или не, затоа што тоа подлежи на законот на музејска дејност, така што лесно може да се утврди статусот.

Кои треба да бидат приоритетите на новата власт во делот на заштита на културното наследство?

Најнапред мора да се направат измени во законската регулатива, дури се плашам дека нема да помине само со измени, туку дека ќе треба целосно нов закон, којшто ќе воспостави конзистентен систем на заштита, потоа ќе овозможи исто така поефикасна институционална организација на службите за заштита, особено во делот којшто значи управна постапка во заштитата. Она кое во изминатите години го работеше Управата е негативен пример којшто дефинитивно треба да прекине и да се реорганизира управата и да добие навистина функции коишто се адекватни на оваа дејност. Конзерваторските центри да се опремат со кадар којшто е професионален, затоа што она што многу ни недостига во однос на тоа какви вредности поседуваме кога станува збор за она што е бисер на византиската уметност, а тоа е фрескоживописот во нашите византиски цркви, кадарот и пристапот на конзерваторите е целосно неадекватен, а и го немаме како број и немаме едуцирани конзерватори и најголем проблем којшто треба да го решаваме во следниот период е како да се обезбеди професионален кадар, дали тоа ќе го направиме преку обука, со ангажирање на експерти во оваа област од соседните држави, значи сите можни капацитети во оваа област треба да се искористат, за да можеме да обезбедиме, да почнеме да обучуваме кадар за да може да ги санираме последиците од она што е направено.

извор:слободнаевропа

Loading...