Бејли: САД работат да ја видат Македонија во НАТО

Вежбата „Dragoon Guardian 17“ е одлична можност за зајакнување на билатералната соработка меѓу Армијата на Република Македонија и Вооружените сили на САД, порача денеска министерката за одбрана Радмила Шекеринска на свеченоста за означување почеток на планираните активности на заедничката воена вежба.

– Гледајќи ја амбициозната програма во вежбата, која е плод на заеднички напори на припадниците на АРМ и нивните американски колеги, уверена сум дека ова вежба ќе биде одлична  можност за зајакнување на подготвеноста на нашите единици, ќе придонесе кон подобрување на интероперабилноста и ќе ја приближи АРМ кон високите критериуми на нашите партнери од САД, истакна Шекеринска.

Министерката за одбрана потенцира дека Министерството и АРМ вложуваат напори за меѓународно промовирање на армискиот полигон „Криволак“ декларирајќи го како соодветен капацитет за тренинг во регионални рамки, но и пошироко.

Амбасадорот на САД во Македонија Џејс Бејли потенцира дека е соодветно што вежбата почнува во Куманово град, кој како што рече, историски претставува крстосница меѓу Македонија и нејзините соседи. Нагласи дека тука се поврзуваат трговските и транспортните патишта од истокот и западот со северот и југот.

– Заедничките вежби како оваа ги поврзуваат нашите војници. Работејќи заедно нашите војници развиваат меѓусебни лични врски, врски кои ги поврзуваат нашите земји, но истовремено тие претставуваат и гаранција дека нашите две армии можат заеденички да комуницираат и да функционираат, рече Бејли.

Тој информира дека оваа година скоро 600 војници од Македонија ќе учествуваат на мултинационални вежби спонзорирани од САД во Европа. Бејли ја истакна вештината и посветеноста на македонските војници кои ја истакнале изминатиот месец за време на вежбата „Saber Guardian“

Амбасадорот Бејли потсети дека следната недела заменик- претседателот Пенс ќе патува во Црна Гора и ќе се сретне со лидерите на Самитот на Јадранската повелба. Нагласи дека минатиот месец во Вашингтон, Пенс истакнал оти политиката на НАТО за отворена врата мора секогаш да остане таква за сите оние земји што ги споделуваат вредностите.

Според Бејли, САД работат да ја видат Македонија како станува дел од НАТО, било да е преку поддршка на реформите за зајакнување на демократијта или вежби како што е „Dragoon Guardian 17“.

Бригадниот генерал Зоран Милевски потенцираше дека вежбата претставува одлична можност за подобрување и унапредување на тактиките, техниките и процедурите кои ги спроведуваат нашите единици кои ќе овозможат структуирање не само на инжинерските капацитети на првата мехнизирана пешадиска бригада, туку  и на способностите на четата за АБХО од составот на ЗОК.

– Со реализација на вежбата припадниците на инжинерскиот баталјон ќе ги надградат способностите за детекција, идентификација и неутрализација на импровизираните експлозивни направи со што ќе ја зголемат способноста за мобилност на борбените елементи, а во исто време ќе бидат во можност за надополнување на нивните способности во рамките на генералната инжинерска поддршка преку заедничка изработка на полетно-слетната патека за беспилотни летала на армискиот полигон Криволак, истакна Милевски.

На почетокот на вежбата се обрати и градоначалникот на Куманово Зоран Дамјановски кој рече дека неговиот град е град на различности, мултиетнички град во кој успешно е создадено и функционира граѓанското општество.

– Со претставување на дел од активностите на АРМ и на САД и нивен непосреден контакт со изложените возила граѓаните на овој град ќе можат поблиску да се запознаат со значењето на оваа вежба и суштината на самиот интегративен процес, рече Дамјановски.

Претпладне на граничниот премин Деве Баир вториот инижинериски ескадрон на Вооружените сили на САД во конвој со по 20 возила влегоа во Република Македонија, при што дел од возилата се упатија кон армискиот полигон „Криволак“ каде што отпочнуваат со вежбовните активности.

извор:народенглас

Loading...