Дојран – градот што воскресна…

2938

Преубави плажи, комфорни хотели, локални специјалитети, забава за сите посетители, културно историски локалитети… Колку само неоткриена убавина и можности крие овој наш туристички бисер..

Некој ќе каже, Дојран не е тоа што беше. Да, навистина, Дојран не е тоа што беше, бидејќи изминативе години во него се инвестираше, се градеше, се работеше напорно за да ја добие титулата – туристички бисер на Македонија.

Дојран не е веќе малото и заборавено гратче, бидејќи за Дојран денес слободно можеме да кажеме дека им парира на другите туристички бисери во земјава. Изградени се нови хотели, луксузни вили, плажи по светски терк, ресторани со највкусни специјалитети, шеталишта, патеки за велосипеди, со други зборови – Дојран е идеално место за вашиот летен одмор.

Но има повеќе работи што овој град го прават посебен, а се разбира на прво место е калта од Дојранско Езеро. Според експертите, дојранската кал е лековита бидејќи во неа има многу состојки што ѝ помагаат на вашата кожа.

И, како што велат во филмот „Англиски пациент“, животот е слики што сме ги виделе, вкусови што сме ги понеле во устата и сме ги проголтале, допири што засекогаш останале на нашата кожа, музика и звуци што сме ги слушнале. Работи во кои сме се заљубиле. Тела и места што сме ги препливале и сме ги претвориле во реки на мудроста, а сето тоа се наоѓа токму тука, во Дојран. Да ги собереме заедно и да ги помирисаме. Да скокнеме во езерото на убавината. Материјалните работи може да ни ги одземат, но спомените никогаш…

#Легендата за Дојран

За градот Дојран има неколку легенди, но најпозната е онаа за убавата мома Дојрана. Имено, Дојрана се вљубила во овчарчето Лабин. Еден ден, среде градот се виело оро, каде што биле собрани сите моми и ергени. Тука била и Дојрана со Лабин. Во тој момент дошол Џемо Арамбашата, кој ја здогледал убавата Дојрана и ја грабнал, а Лабин тешко го ранил со сабјата. Дојрана, од големата омраза и лутина кон Џемо, скокнала од неговиот коњ и се стрчала накај Лабин. Иако ранет, таа успеала да го довлечка до езерските води и за да не бидат заробени од Џемо, се удавиле во езерото. Од тој трагичен настан, езерото, според легендата, се нарекло по името на Дојрана – Дојранско Езеро, а градот го добил името Дојран

Факти за Дојран: дали знаевте?

– Крајезерскиот град Дојран се наоѓа на иста географска ширина со градовите: Струга, Драма (Егејска Македонија), Бари (Италија), Порто (Португалија) и Бостон и Чикаго (САД).

Езерото лекува

– Водата во Дојранско Езеро содржи магнезиум и калциум.

Дојрански дијалект

– Ѕрнцала – очила

– Ѓољ – езеро

– Дудак – усна

– Саан – чинија

– Јурт – кисело млеко

Градоначалникот Борче Стамов е задоволен од промените во неговиот град, кои последниве неколку години буквално го разубавија изгледот и ги вратија туристите на плажите.

Што е она што би нѐ привлекло да го посетиме Дојран?

Дојранско Езеро со сите придружни нешта што ги нуди: пријатна клима во текот на целата година, чиста животна средина, вкусни дојрански специјалитети и содржини за рекреација и за уживање на брегот на езерото. Секако, тука е и познатото дојранско гостопримство.

Што е тоа што треба да се посети, види или искуси во Дојран?

Секој треба да го посети „Д-фестивал“ и да биде дел од неверојатната позитивна енергија со која живее Дојран тие неколку дена. Да не звучам нескромно, но тоа е најдобриот летен фестивал што кога било се случувал во Македонија. Препорачувам секој вљубеник во историјата да прошета или да ја извози со велосипед фронтовата линија, несекојдневна тура, која со својата зачуваност, придружена со архивските документи презентирани од водич, претставува атракција во историскиот туризам во светски рамки. Со малку среќа и трпение, вљубениците во птиците и во природата, единствено овде во Македонија можат да искусат блиска средба со јато фламинга во езерото, што е навистина магична глетка.

Несомнено е дека Дојран се враќа како туристичка дестинација. Задоволен ли сте од постигнатото?

Ако ги погледнете сликите од Дојран пред 4-5 или 10 години, ќе видите дека гратчето е целосно променето. Дојран изминатите неколку години соборуваше рекорди во посетеност. Освен домашните, привлековме и странски туристи, меѓу кои најмногубројни се српските. Денес сметам дека успеав во она што си го поставив за цел во 2013 година, односно промена на имиџот на Дојран, од мало неинтересно место на југот на границата во место што живее, нуди многу и треба да се посети.

Очекувате ли лето полно со гости?

Добро е што сите во туристичката и угостителската дејност се вклучија во промовирање на Дојран и привлекување гости и ги користат сите модерни алатки што се нудат во тој правец. Тоа не беше случај порано. Со вклученост на сите и со заедничка работа, верувам дека ќе имаме успешна сезона.

  1. Во рамките на разубавување на градот, во Дојран се засадени над 100 палми и 1.050 леандри.
  2. Во Дојран е изградена пешачка патека во должина од речиси шест километри, каде што граѓаните и туристите можат да пешачат, да возат велосипед, да џогираат…
  3. Се уреди најатрактивниот дел од крајбрежјето на Дојранско Езеро – Градската плажа во Стар Дојран
 извор: убавинаиздравје
Loading...