Една година од поплавите во Скопско

Скопје денеска одбележува една година од невремето што предизвика поплави во кои загинаа 22 лица. Попладнето на 6 август 2016, скопскиот регион беше погоден од обилни врнежи од дожд и силен ветер.

Загинатите во невремето беа во реоните на селата Сингелиќ, Стајковци, Смилковци и Арачиново. Во текот на 24 часа минатиот 6 август во Скопје наврнале 92,9 литри на метар квадратен, а во текот на првите два часа од почетокот на невремето имало над 800 громови.

Невремето и поројот од вода предизвика пад на дрвја, а домовите останаа без електрична енергија. Околу илјада граѓани беа евакуирани во текот на ноќта на 6 август.

Граѓаните од целата држава координирани од Црвениот крст, Кризниот штаб и надлежните институции во наредните денови се солидаризираа за собирање на најнеопходната помош за настраданите. 8 август 2016 беше прогласен за Ден на жалост во Република Македонија.

– Своевиден метеоролошки феномен кој опстојувал неколку часа со континуирано регенерирање и формирање олујни жаришта, иако според патеката на движење прогнозата покажувала дека треба да помине во краток рок. Вака Управата за хидрометеоролошки работи го објасни минатата година невремето што ја погоди Скопската котлина.

УХМР во извештаите по невремето информираше дека на Зајчев рид – главната метеоролошка станица во Скопје, е забележан рекорден интензитет за петчасовни врнежи од 84,5 милиметри.

– Рекордниот интензитет на невремето што ја зафати Скопската котлина е со веројатност на појавување од 0,1 отсто или еднаш во илјада години, наведе лани УХМР.

Град Скопје и Општина Гази Баба, на чија територија се погодените населени места, работат на санација и реконструкција на улиците.

– Град Скопје издвои 150 милиони денари за реконструкција на оштетената инфраструктура во населените места погодени од минатогодишните поплави, кои се реализираат дел преку ЈП „Улици и патишта“, а дел беа дадени на општина Гази Баба која ангажираше други компании за реконструкција на инфраструктурата, изјави пред два дена градоначалникот на Скопје Коце Трајановски.

извор:сител

Loading...