Елена Велевска: Да се прашуваше ВМРО, ќе ја пеевме само ,,Стани моме да заиграш’’!

1739

Откако на вчерашната собраниска расправа, пратеникот на ВМРО ДМПНЕ, Крсто Јовановски, сакајќи да направи споредба помеѓу пратениците на власта и опозицијата, првите ги нарече турбо фолк, а другите ракетен систем, со остра реакција се јави популарната фолк пејачка Елена Велевска. Таа вели дека кога веќе и турбо фолкот влегол во Собрание, пратениците на ВМРО конечно да се разбудат кој век е, и да не се трудат да го кочат народот со песни од минатиот век и да плукаат по новите музички трендови, туку да се вратат во реалноста.

,,Немам зборови за дрскоста со која што се навредува турбо фолкот, а со тоа и сите наши музичари кои што се занимаваат со овој правец на музика и чесно си го заработуваат секој денар. Но навредата е наменета и за слушателите на овој вид на музика, кои сакале или не, ги има во огромен број низ целиот Балкан. Но ова не е ништо ново од членовите на ВМРО ДМПНЕ. Мислам дека, да се прашуваат тие, ние ќе останеме заглавени во минатиот век, ќе се снимаат само староградски песни (против кои што немам ништо против и често ги пејам на настапи), нема да се оди напред и да се следат новите музички трендови, а пејачките би требало да изгледаат како Васка Илиева. Јас многу ја почитувам Васка, но сигурно дека нема да изгледам како неа, бидејќи сум една урбана жена, а публиката сака да гледа убави и модерни пејачки’’ – раскажува Велевска.

Таа додава дека токму турбо фолк пејачите од земјава се најголемите промотори на македонската песна, бидејќи редовно имаат концерти и турнеји низ целиот свет.Токму поради тоа, очекувала поддршка, а не омаловажување од страна на политичарите.

,,Не знам зошто, но владее некоја атмосфера помеѓу редовите на ВМРО, како да треба да останеме исти како во времето кога била компонирана песната ,,Стани моме да заиграш’’ и да си го држиме тоа ниво, тој стил на музицирање. Исто како во Америка на пример, да се слушаат само кантри песни од времето на Доли Партон, и да се потценуваат сите нови правци и трендови кои што доаѓаат. Не оди тоа така. Се менуваат времињата, луѓето бараат нешто ново, а не постојано навраќање на тоа што било пред четириесет, педесет или повеќе години. Не може пејачките да бидат во народни носии, а пејачите во комитски одела, тоа време поминало’’ – вели Елена.

извор:слободенпростор

Loading...