Фото: Несовесни возачи ја узурпираат велосипедската патека на булеварот „Свети Климент Охридски“

43

Несовесни возачи константно ја узурпираат велосипедската лента и тротоарите на булеварот „Свети Климент Охридски“, оставајќи и паркирајќи ги своите возила, рече градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.

„Апелираме до возачите да не паркираат на велосипедските патеки, како и да не застануваат на потегот каде што велосипедските патеки ќе бидат на самиот коловоз. Апелираме до Министерството за внатрешни работи да биде поактивно на терен и да работи на ослободување на велосипедските патеки и да овозможи нивно непречено функционирање“, рече Трајановски.

Поради оваа зачестена појава, рече градоначалникот, се одлучивме за дополнително физичко оградување на велосипедската сообраќајна лента од лентите за моторните возила, со специјални заштитни гумени столбчиња, со кои сметаме дека ќе се зголеми безбедноста за велосипедистите – кажа градоначалникот Трајановски.

Градот Скопје во рамки на реализацијата на проектот за нова велосипедска инфораструктура „Скопје Велоград 2017“, изминатиов период работи на велосипедските патеки по должината на  бул. „Свети Климент Охридски“, којшто е еден од главните конектори во централното градско подрачје.

„За првпат во Скопје и Република Македонија, дел од велосипедската патека ќе биде на самиот коловоз, поточно се одзема дел од просторот за автомобили и истиот ќе биде наменет за велосипеди. Ова се реализира на дел од бул. „Свети Климент Охридски“, поточно на потегот од крстосницата со ул. „Димитрија Чуповски“ и бул. „Митрополит Теодосиј Гологанов“ до крстосницата со бул. „Илинден“ кај објектот на Владата на Република Македонија“, рече градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.

Работите на терен ги изведуваат екипите на Урбан Дизајн ДОЕЛ, за што град Скопје ќе издвои 2,7 милиони денари.

извор:скопјеинфо

Loading...