Интензивно се гради Луна паркот во Скопје (ГАЛЕРИЈА)

Градот Скопје непречено го реализира проектот за изградба на новиот Луна парк во Скопје. Екипите на градежната фирма „Жикол“ од Струмица во моментов работат на изведба на подземната инфраструктура, а веќе се завршени приклучоците кон водоводната и атмосферската канализација.

Паралелно со подземната инфраструктура, на терен се работи и на изведбата на првите бетонски елементи од внатрешноста на паркот, кој се основа за поставување на идните реквизити и за планираното езерце. Летните дискотеки не се урнати во оваа фаза од реализацијата на проектот. Градежниот дел од проектот чини над 1,6 милиони евра.

Од градежниот дел во наредниот период треба да се изведат влезот на паркот, административниот објект и тоалетите, кои наликуваат на она што е веќе изградено од проектот „Скопје 2014“ во центарот на Скопје. Воедно, веќе се купени седум реквизити за идниот Луна парк, а досегашната сума потрошена за овој проект е во износ од над 3,7 милиони евра. Самите реквизити ќе се постават во наредната фаза, и тоа по целосното завршување на инфраструктурата. Дополнителни средства ќе се одвојат за останатите реквизити, кои допрва треба да се набават и да бидат вкупно 27 на број.

Портите на новиот Луна парк во Скопје треба да бидат отворени во 2018 година. Сепак, неизвесно е дали сите фази од реализацијата на проектот ќе бидат завршени до тогаш, поаѓајќи од фактот дека Градот Скопје веќе најави постепена изведба на паркот.

Ова здание лоцирано во Градскиот парк ќе се протега на површина од околу 24.000 метри квадратни. Изведбата на овој проект започна на почетокот од годинава.

Во соработка со Build.mk

Loading...