Иванов ја повикува Владата јавно да го објави договорот со Бугарија

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов ја повикува Владата да го објави и образложи текстот на договорот за добрососедство со Бугарија пред негово потпишување.

Иванов смета, како што соопшти неговиот Кабинет, дека отсуството на транспарентност предизвика негативни коментари и загриженост во јавноста која треба да се надмине со објавување на текстот на договорот пред неговото потпишување.

– Претседателот Иванов потенцира дека секогаш треба да се имаат предвид националните и државните интереси на Република Македонија и дека кој било меѓудржавен договор не смеe да бидe на штета на македонските национални интереси, стои во соопштението.

Иванов вчера оствари средба со министерот за надворешни работи Никола Димитров на која беше информиран за последната нацрт-верзија на договорот за пријателство и добрососедство со Република Бугарија.

– Претседателот Иванов, како и досега, така и во иднина, ќе продолжи со ангажман во процесите на помирување и решавање на спорните прашања на мирен начин и преку политички дијалог, во согласност со меѓународното право и добрососедските односи, со цел да се постигнат праведни и фер решенија врз основа на принцип на заемно почитување и подршка и воздржување од мешање во внатрешните работи на државите, се наведува во соопштението од Кабинетот.

Македонскиот претседател воедно ја поздравува волјата и ангажираноста на сите кои во изминатиот период беа вклучени во напорите за усогласување на Договорот меѓу двете држави.

извор:сителтв

Loading...