Како дозволувате вашата ќерка да биде ѕвезда во кафана на 15 год? Зошто допуштате синот да ја вози вашата кола? И, што сега, родители!!??

213

Кога се граба за играчка во градинка, доаѓаат мама и тато и викаат малку на воспитувачката и на другарчето, она туѓото, она лошото кое му ја расипува играта на своето дете. Бидејќи нивното е златно кое со гордост го гледаат!

Кога ќе се степа со другарчето во училиште – доаѓаат тато и мама, се закануваат на тој што треба, уценуваат, само златото да им биде како што треба дури и ако е виновно или тоа започнало или ги загрозува другите. Ги има и тоа сите права како и сите деца. И понатаму го гледаат со гордост во своите очи.

Кога ќе почне да бега од часови во средно, да ги пцуе професорите и насилнички да ги третира другарите – доаѓаат тато и мама да им објаснат на сите дека е во чувствителни години, дека никој не го разбира и дека не е виновен што сите го предизвикуваат! Гордоста одамна ја заборавика, но мама и тато не се уморни, само тие не се откажуваат и така треба и да биде!

Кога одвај ќе го заврши средното, мама и тато го запишуваат на приватен факултет, бидејќи кој видел леб од државниот, а и зошто да се мачи детето кога ќе го постигне истото со помалку труд! Не сакаат мама и тато да признаат дека од своето галениче пропуштиле да направат човек, не сакаат да видат дека нема ни знаење ни волја за било што. Не, се уште има надеж.

Сега веќе на големо го зема татиниот голем автомобил без прашање, зошто веќе на 15 почна да излегува без да кажува каде. Има преку 20 сообраќајни прекршоци но тато има другар во полицијата и тоа го заташкува.

Што да правиш млад е, сите сме биле млади и сме правеле глупости! Пие алкохол, пуши, тој е луд, тој е брз и сите сакаат да бидат со него бидејќи е многу кул!

И тука се трагите од кочење, некоја кривина која како додега да не била тука, тука е врисок и болка. Тука е смртта.

И беше добар, фин дечко од улица, никогаш не правел проблеми, примерен ученик и добар другар.

За покојникот се зборува се најдоброто посебно ако е млад!

Многу ми е мака. Зошто лажете? Зар не мислите на сите тие деца кои повторно пијани ќе седнат зад воланот? Зар не мислите дека е доста толку покривање. Сега е готово! Тој е мртов! И сега треба да почне. Сега треба да се каже, да се вика на цел глас дека тоа така не може и не треба!

Каде сте родители? Не се осудувам да чепкам во вашата болка, но зошто плачете сега?!!! Како сте дозволиле вашата ќерка да биде ѕвезда во кафана на 15 год? Зошто не ја прашате каде оди толку разголена навечер кога утре се оди на училиште? Зошто допуштате синот да ја вози вашата кола а тукушто положил и не трепкате кога ќе стисне на гасот појако? Зошто сега плачете?

Децата обожаваат дебили кои со ништо друго не заслужиле да бидат познати освен што се деца на наведените! Децата сакаат да бидат како нив! Пијат додека не се онесвестат, се нафаќаат на понижување и кал само да не бидат отфрлени! На што сте ги научиле? Па вие ги испраќате во кафаните и им велите убаво да си поминат.

Фино друштво, примерни деца , а во друштво на дилери и неконтролирани богаташки деца кои целиот свој идентитет го засновуваат на парите на родителите. Тоа ли го сакате за своите деца? Таму ги праќате и се гордеете дека го “сакаат животот“. Седат и пијат во туѓи сепариња. Дали се свесни што прават самите?

И само се чека слика на популарните сајтови, бидејќи ако таму ви излезе слика од ноќниот провод – тогаш сте некој. Сите се слатки и малку напиени. И после не знаеме од каде тепачки и убиства.

И тогаш не знаеме како умрел 16 годишник на мотор за кој неговите родители и поима немаат. Како шест млади паднале во реката а пред тоа пееле на глас и се зезале. Вие само лајкувајте слики на ФБ и аплаудирајте како вашето дете добива популарност висејќи по ноќните клубови.

И после тоа молк. И лага. Една за друга. Да оправдаме, да избришеме ако можеме. И никој не  е виновен, никој така не сакал и се ставаме под тепих.

Пак доаѓа викенд да се шокираме со глетки на удрени автомобили, со жртви и да пак преку солзи си кажуваме како биле примерни деца.

извор:скопјеинфо

Loading...