Какви безобразлуци треба уште да ни приреди МРТ, за некој да се сети да реагира?

1310
1
Индоленцијата на Владата го охрабри безобразното, дрско, дури и насилничко однесување на јавниот сервис, кое Борисов го дочека со нова провокација.

Првпат по формирањето на новата влада на Зоран Заев, решив да се огласам со критика. Премиерот Заев веќе покажа дека умее да прифати критика, па тоа ми дава надеж дека моето мислење, што го споделуваат многу граѓани на Македонија, Владата ќе го сфати добронамерно.
Практиката на уривањето на модерните автократски режими покажува дека еден од почетните, неизбежни чекори, е демонтирањето на нивното најсилно оружје – пропагандата. Еден од првите потези на новата власт мораше да биде итно назначување нов вршител на должноста директор на Македонската телевизија и нов уреднички тим. Со тоа требаше да се блокира најсилната медиумска алатка на соборениот режим, за да се создадат предуслови за реформирање на јавниот сервис.
Не ми е познато од кои причини тоа не е сторено. Како и да е, индоленцијата на Владата го охрабри безобразното, дрско, дури и насилничко однесување на јавниот сервис, кое кулминираше во текот на претходните два дена, кога МРТВ одби да врши пренос од историскиот чин на потпишувањето на Договорот за добрососедство меѓу Република Македонија и Република Бугарија, а бугарскиот претседател Бојко Борисов го дочека со нова провокација, со емитување на контроверзниот филм „Трето полувреме“, кој своевремено беше повод за влошување на односите меѓу двете земји.
Со овој потег, МТВ, всушност, го понижи гостинот од Бугарија и целосно да го оспори визионерскиот потег на премиерите Заев и Бојко Борисов, кои направија клучен, историски исчекор напред во односите меѓу двете земји. Само оваа провокација да е – а досега бевме сведоци на десетици вакви провокации од јавниот сервис! – тоа е доволна причина за итна и одлучна смена на раководството на МТВ.
Што уште треба да изгледаме на државната телевизија, за некој да се сети да реагира брзо и одлучно?

извор: слободенпечат