Кривични за судиите во скандалот со бегството на Грујовски и Бошковски

Здружението Зелена лупа ќе поднесе кривични пријави за сите инволвирани судии во скандалот што доведе до бегство на обвинетите Горан Грујовски и Никола Бошковски осомничени во предметот „Тврдина“ на Специјалното јавно обвинителство, за нелегално прислушување и уништување на опремата за следење на комуникациите.

Здружението очекува новиот Јавен обвинител на РМ во рамките на своите надлежности, да преземе соодветни дејствија заради утврдување на евентуална кривична одговорност.

Сметаат дека ова превентивно би делувало на судиите кои во иднина би постапувале по ваквите и други предмети, да постапуваат строго законски и да носат само одлуки исклучиво засновани на закон, на кој начин делумно би се поправила и грдата слика која во земјата и надвор од неа.

– Земајќи ги предвид бегствата на Сеад Кочан, Горан Грујовски и Никола Бошковски постојат сериозни и основани сомненија дека обвинетите и од другите случаи кои што ги води СЈО ќе се дадат во бегство. Поради новонастанатите околности, го охрабруваме СЈО, да побара повторно притвор за сите обвинети за кои досега побара мерка притвор а истата беше одбиена од судот, да инсистира на притвор за сите обвинети за кои постојата докази за криминал – велат од Здружението.

Потсетуваат дека во моментов ниту едно обвинето лице од СЈО не се наоѓа во притвор и дека сите за кои досега беше даден притвор се дадоа во бегство.

Здружението е згрозено од односот на судиите кон случајот „Тврдина“, но и односот за сите останати случаи кои што ги води СЈО.

– Истите судии кои што даваа притвори без никакви докази, сега влегоа во целосна заштита на обвинетите – рекоа од Здружението кое ги смета за скандалозни судските постапки и одлуки кои доведоа до тоа, обвинетите лица да не можат да се спроведат на издржување на определената мерка притвор поради нивното бегство, со што одлуките за определување на притвор практично се стерилни и немаат никаков ефект.

– Сметаме дека основната грешка е во постапувањето на Кривичниот совет при Основниот суд Скопје I Скопје, кој наместо да го прифати основаниот и со мноштво докази поткрепен предлог на Специјалното јавно обвинителство и да определи мерка притвор за обвинетите, го одби предлогот за притвор и како обична маска, изрече мерки на претпазливост, кои во конкретните случаи се ирелевантни – велат од Здружението.

Бегството на обвинетите, според нив, сосема јасно укажува на основаноста на предлогот за определување мерка притвор, а со тоа и на неоснованата и незаконитата одлука на Кривичниот совет.

Сметаат дека Кривичниот совет на Врховниот суд требало да ја потврди повредата сторена од Апелациониот суд Скопје и при тоа немало да создава преседани со кои се руши законитоста во постапувањето на судовите во Република Македонија.

– Не можеме да ја исклучиме и можноста дека сето тоа, можеби е и однапред договорено, што упатува на можност од директно инволвирање на судовите кои постапувале во однапред подготвеното сценарио, во случај кога основаноста за притворот кон обвинетите беше повеќе од очигледна – велат од Здружението.

Постои сомнение дека со незаконито постапување, судиите кои учествувале во кривичните совети на наведените судови сториле кривично дело Злоупотреба на службената положба од член 353 став 3 од Кривичниот законик.

извор:бриф

Loading...