Кубанката Јасмина се вљуби во Ѓорѓи и ја прифати православната вера

3993

Двојката вели дека целта на нивната врска е испреплетување обичаи, јазици, култури, ритми и вкусови

Кубанката Јасмина Лопез, која доаѓа од градот Гвантанамо, веќе 3 години живее во Скопје. Намерата ѝ била да остане само три месеци, но еве тука е веќе три години. Причината е тоа што оваа симпатична, црноока, црнокоса, темпераментна млада жена, во нашиот град ја пронајде и својата љубов. Тоа е Ѓорѓи Атанасов, нејзината сродна душа, како што вели, заради кого таа католичката ја замени со православна вера.
– Тоа што нѐ спои мене и Ѓорѓи е музиката, љубовта кон танцот како и неговиот интерес за Куба, а исто мене ме интересираа животот и обичаите во Македонија – вели таа.

Јасмина и Ѓорѓи живеат со Скопје, а заедно настапуваат со својот бенд „Сабор кубано“, што во превод значи „Вкусот на Куба“. Тие пред македонската публиката ја презентираат ритмичната кубанска музика. Зад нив се голем број настапи во Скопје и низ државата, а ова лето претежно ќе бидат во клубот „Кадмо“ во Охрид, и планираат да приредат големо шоу за туристите што ќе летуваат во нашиот туристички бисер.
Иако никогаш не бил во Латинска Америка, Ѓорѓи ги сака и ужива во латиноритмите. Овој Гевгеличанец потекнува од музикално семејство, кое имала можност да го запознае и Јасмина.
– Неодамна бевме во Гевгелија и на мое големо задоволство открив дека сите членови на семејството на Ѓорѓи се многу музикални. Неговиот татко и другите членови на фамилијата се ведри луѓе, го сакаат танцот и се уверив од кого тој го наследил чувството за ритам – ни рече Јасмина.

Кога ја прашавме зошто се решила да ја прифати православната вера таа ни рече:
– Се решив да го направам овој чекор зашто тука живеам и сакам целосно да припаѓам овде, со сето срце и душа. Затоа сакав да ја прифатам и православната вероисповед, за да бидам дел од вашата религија, која сега е и моја, бидејќи за мене тоа е многу важна страна на животот. Јас сум христијанка, но на Куба, каде што сум родена, каде што пораснав и се образував, не бев крстена во Католичка црква. Сега видов колку тука е важно тоа, да имаш нешто во што веруваш. И најважно од сѐ, моето момче е православен верник и сакам поубаво да се разбираме.

Случајно или не, крштевката се случила во црквата „Свети Ѓорѓи“ во Скопје, а претходно Јасмина три дена престојувала во манастирот „Свети Ѓорѓи“, Рајчица, во близината на Дебар.
– Таму научив што треба да правам, за време на крштевањето, како да се облечам. Самиот ритуал е прекрасен, особено ми остави впечаток измивањето со вода, со кое симболично ги измиваш гревовите. Православната вера не е нападна, не диктира дека мора да се направи ова или она, сѐ се остава на слободната волја на луѓето – вели таа.
Ѓорѓи не можел да поверува, кога еден ден Јасмина му рекла дека сака да стане православна.
– Мислев дека Јасмина се шегува со мене, но таа беше упорна и секој ден ме прашуваше што треба да направи. Видов дека мисли сериозно и ѝ реков дека за да ја оствари својата намера, освен сѐ друго, мора да најде кум и таа веднаш му се јави на нашиот заеднички другар Мато и го праша дали би сакал тој да ја крсти. Тој веднаш прифати, бидејќи, нели, кај нас покана за кумство е чест и не се одбива – открива Ѓорѓи.

На тоа Јасмина се надоврза дека кај неа се родила желбата да стане православна кога Ѓорѓи неодамна бил кум на една свадба, а таа го придружувала.
– Многу ми се допадна самиот чин, сите симболи, и тоа што сѐ се прави со значење. И така секој ден учев по нешто ново. За мене да си кум е како да си дел од фамилија. Во Куба има православна црква и православни верници, но се малобројни. Инаку, моите родители беа изненадени кога им ја соопштив одлуката. Се плашеа да не се сменам по церемонијата, велеа дека нема да бидам иста потоа – со насмевка ни раскажа Јасмина.
Таа не била дома една и пол година, а желба ѝ е кога во октомври ќе отиде да го види семејството и Ѓорѓи да појде со неа. Тој со нив засега комуницира само преку Интернет, но вредно учи шпански.
– Некој да дојде од Куба, и секој ден да учи за нашата култура, да се менува постојано за да биде целосен припадник на нашиот народ е навистина убаво. Всушност целата наша врска е едно испреплетување на обичаи, зборови, јазик, култури, ритми, вкусови… Јас ете учам шпански, а Јасмина од ден на ден сѐ подобро зборува македонски јазик, во што можете и самите да се уверите. Ние сме заедно две и пол години и одлично се разбираме. Таа секогаш е полна со идеи, со планови, со неа никогаш не е здодевно, напротив. Јасмина постојано околу себе шири многу позитивна енергија – открива Ѓорѓи.

ЉИ двајцата се потсетија дека се запознале во кубанскиот ресторан „Каса кубана“, на кејот на Вардар и најпрво биле само пријатели. Таму Јасмина настапувала со уште двајца Кубанци, кои си заминаа за САД, но таа останала.
– Од првиот момент меѓу нас се создаде некоја алхемија. Јас се вљубив во неа на прв, а таа во мене на сто и петти поглед – се пошегува Ѓорѓи.

Инаку, Јасмина има две дипломи. Таа е професорка по пеење и социолог, но исто така е пејачка и композиторка, танчарка. Исто така таа пишува и текстови за своите песни, засега само на шпански, кои Ѓорѓи ги преведува на македонски јазик.
– Планирам да издадам и албум со мои композиции, а неодамна ја снимив песната „Meda miedo“ („Ми е страв“), во која пеам и на шпански и на македонски јазик. Драго ми е што таа стана доста популарна на Куба – се пофали Јасмина.

И двајцата, на крајот рекоа дека веќе размислуваат и за свадба, поточно за две, една тука и една на Куба.

извор:новамакедонија

Loading...