Македонија и Бугарија ќе ја продлабочат соработката во областа на енергетиката

32

Македонија и Бугарија ќе ја продлабочат соработката во енергетиката преку разгледување на можноста за изградба на ново интерконективно гасно поврзување меѓу гасните системи на двете земји.

Тоа, како што информира БТА, се предвидува во меморандумот за соработка меѓу Министерството за економија и бугарското Министерство за енергетика, што на денешната седница го одобри Владата на Бугарија.

За исполнување на целите од меморандумот ќе биде создадена меѓудржавна работна група за гас, која шест месеци по стапувањето на документот на сила ќе треба да подготви нацрт технолошко-економски елаборат за изградба на новото гасно поврзување. Во документот треба да бидат содржани анализи на техничките, пазарните, економските, финансиските и регулаторните аспекти на проектот и да се идентификуваат решенија за неопходната инфраструктура на територијата на двете држави.

Потпишувањето на меморандумот е во согласност со целите на соработката во областа на енергетиката меѓу двете земји, создавањето регионален енергетски пазар во Југоисточна Европа и целосната интеграција со внатрешниот енергетски пазар на енергетската заедница.

Loading...