Манчевски: Назначувањето нови членови на надзорните и управните одбори ќе оди постепено

197

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски денеска изјави дека назначувањето на новите членови на управни и надзорни одбори во јавните претпријатија, установи и агенции ќе се врши постепено како ќе се екипираат кадрите.

– Бараме соодветни кадри за соодветните позиции. Вчерашната одлука на Владата значи само разрешување на членовите на управните и надзорните одбори. Оваа процедура ќе оди постепено како што ќе ги екипираме кадрите во соодветните институции, изјави министерот Манчевски, одговарајќи на новинарско прашање по прес-конференцијата во Сојузот на стопански комори на Македонија.

Тој посочи дека е потребен одреден временски период за да се најдат соодветни кадри кои ќе ги исполнат условите што се бараат согласно законот.

Според него, никој или ретко кој од сегашните директори ги исполнува условите согласно сегашниот закон бидејќи биле поставени на раководни позиции пред да бидат донесени законските одредби.

– Назначени се на раководни позиции без да ги исполнат условите што подоцна се донесени. Кадрите кои и во моментот ги извршуваат раководните позиции на одредени институции и претпријатија не ги задоволуваат условите што ги бара законот бидејќи во моментот кога биле назначени тоа не било барање согласно закон, рече Манчевски.

Министерот рече дека се размислува на државен трошок да биде проверката на одредени квалификации коишто се бараат од кандидатите при аплицирање за одредено работно место во администрацијата.

– Со сегашниот концепт државата бара за да аплицирате за било која позиција, сами да ги обезбедите сите потребни документи. Ние велиме дека државата ќе треба да биде таа која доколку има потреба од соодветен кадар, на свој трошок да ја преземе проверката на овие квалификации односно дали знае англиски јазик, дали ќе го помине психолошкиот тест или не… Го менуваме концептот, односно на наша страна го земаме процесот на организација на проверка на овие знаења кај кандидатите, појасни министерот Манчески.

извор:либертас

Loading...