На охриѓани им попуштија нервите: Тлото не мирува, надлежните смируваат дека нема место за паника

2282
1

Ноќеска во Охрид беше релативно мирно, по земјотресот со јачина од 3,7 степени со епицентар во селото Косел, во 21.31 часот. Но со искуството од претходната непреспана ноќ, за охриѓани нема мирен сон.

Речиси еден месец тлото се тресе. Веќе не се знае што е ден, а што ноќ. Охриѓани дремнуваат преку ден по плажите, користејќи лежалки, така што си ги заменија улогите со туристите.

Нова појава се „патувачките куќи” на четири тркала, кои ги има по автокамповите, покрај езерскиот кеј, на сите слободни паркиралишта.

Голем е бројот на оние што навечер, скришум, се измолкнуваат од своите домови, ги земаат возилата и бараат, според нив, побезбеден простор, за колку-толку да дремнат.

Охриѓани, одеднаш, од домаќини станаа гости во автокамповите. Не им е далеку и оној во Свети Наум, во сопственост на АРМ, по одлуката на Министерството за одбрана да го отвори за граѓаните.

– Ако не сите, барем децата да се засолнат – коментира охриѓанка сместена со внуците во автокампот „Васко Карангелевски” во Свети Наум.

Непреспани и заморени, во постојан стрес и неизвесност, особено тешко се поднесуваат ноќните поместувања на тлото. Веќе неколку ноќи по ред, тресе навечер и околу полоќ.

Така беше и ноќта на 7 јули, на четири минути по полноќ кога силно тресење и бучава го здрма Охрид. И како тоа да беше малку, ноќта меѓу петокот и саботата, следуваа уште седум помали последователни потреси. Охриѓани велат агонијата и несоницата повеќе не се издржува, ни седативи ни ништо не им помогаат.

Тлото толку долго не мирува, што веќе е мал смирувачкиот ефект кој доаѓа од дежурните сеизмолози. Тие апелираат граѓаните да останат смирени и да не паничат, а медуимите да не ги вадат од ракав бројките за јачината на земјотресите и да не подгреваат паника и страв кај населението.

Нивниот став е дека не е очекувано да има потрес поголем од 5 степени, како оној кој се случи во понеделникот. Дополнително објектите се издржливи и тестирани на посилна јачина за која охридскиот регион нема потенцијали.

Сепак „стравот лозјето го чува!”. Преспиваат во кампови, шатори, дворови и автомобили. Градот е полуиспразнет, земјотресите ги избркаа и домашните, но и дел од странските гости. Угостителите се исплашени дека ваквата ситуација ќе им ја уништи сезоната.

Дневната, каква таква живост, ја нема навечер освен по кафулињата и ноќните клубови, кои организираат забава за помладите, поради новиот феномен – сите што во градот дошле од селата на некогашната Охридска околија, навечер да се враќаат таму. ”Земјотресите го вратија животот на село!”-се шегуваат мајтапчиите.

Од Охрид заминаа и многу жители со овдешно потекло, сега во други градови во земјата. Се враќаат, предвреме, и оние од западните земји, но и од прекуокеанските дестинации, кои беа дојдени на годишен одмор и видувачка со своите од стариот крај.

Нов феномен, за кој малку се знае и пишува: Сите невести, омажени во Охрид од други градови, веќе се засолнати на побезбедно, во старите домови, што подалеку од Охрид. Ете и тоа го видовме: Привлечниот Охрид, наеднаш стана одбивен! Особено за мајките со помали деца, а кај децата заминуваат и охридските зетови.

Малку им беше стравот, малку им беше стресот, па сега гладните и алчни за брза заработувачка, им го дозагорчија животот на охриѓани со неподносливите ноќни децибели по клубовите. Ечи музика која ги потресува прозорците, а никој од надлежните “не се потресува!” тоа да го санкционира, да го спречи, или барем да го ограничи, на пример-до полноќ, а не “сè додека не им здосади”, а тоа е до 3 часот после полноќ.

Несовесноста отиде дотаму што кај дувлото во Косел се палат гуми, за да се создаде дополнителен страв, а се активираше и подземјето, крајно несовесниот арамилак, да се заработи на заедничката мака. За среќа, таа појава надлежните брзо ја пресекоа.

Во вакви ситуации, потребна е поголема транспарентност и будност не само на сеизмолозите, туку и на политичарите на најодговорни позиции. Охриѓани немаат разбирачка и не ја примија со симпатии посетата на шефот на државата на Барселона и други атрактивни дестинации.

– Тој ќе се нацрта на Петровден (12 јули) да го отвори фестивалот “Охридско лето”, потоа ќе му ја заседне под сенките на државната вила во Горица, а каде беше досега, да дојде и со својот престој тука да внесе охрабрување мегу охриѓани – коментира средовечен маж, не сакајќи да се именува.

Со правo, или не, од вакви забелешки не се поштедени и претставниците на новата власт. Го повикуваат новиот премиер да дојде и мегу нив, “а не само, навечер, на свечено отворање на нов хотел”.

И треба да ги разберат за тоа. Охриѓани живеат под постојан стрес од 18-ти јуни, кога започна да се тресе тлото под Охрид.

– Ова не било. Трае предолго и премногу е тоа, ни создава преголем стрес и мора човек да се тргне на страна малку во вакви ситуации – е најчестиот коментар.

До сега Охрид го потресоа повеќе од 1.200 земјотреси. Најсилниот се случи на 3 јули со магнитуда од 5 степени по Рихтер. Иако земјотрес не може да се предвиди, сеизмолозите сметаат дека не треба да се очекува посилен потрес и дека тлото под Охрид полека ќе се смирува.

Веле Митаноски

извор:макфкс