Нови 7.000 отпуштени од работа во Турција пред годишнината од неуспешниот пуч

46
1

Турските власти отпуштија повеќе од 7.000 полицајци, војници и јавни службеници, ден пред денешната годишнина од неуспешниот пуч.

Декретот за отпуштање претставува дел од мерките по обидот за пуч за кој Турција тврди дека го организирал духовникот Фетулах Ѓулен кој живее во САД.

Турција досега суспендира повеќе од 150.000 официјални лица, и уапси околу 50.000 припадници на армијата, полицијата, вработени во судството, академици и луѓе од други сектори. Во најновиот декрет меѓу отпуштените од работа се 2.303 полицајци како и 302 вработени на универзитети во државата.

Турскиот премиер Бинали Јилдирим изјави по повод првата годишнина од обидот за државен удар дека локалните медиуми се заслужни за неуспехот на пучот. Тој нагласи дека просторот за слобода и демократија во Турција се зголемува благодарение на медиумите.

– Тој 15 јули не е само ден кога пропадна пучот туку и ден кога луѓето имаа верба и љубов спрема својата држава. Тоа е победа на голораки против тенкови и оружје и тоа е победа без преседан, изјави Јилдирим. Тој им се заблагодари не само на локалните туку и на странските медиуми, пренесе Танјуг.

извор:либертас