ПЕШЕВСКИ ВЕЛИ ДЕКА БЕЗ ПАСОШ ЌЕ ОСТАНЕ БЕЗ РАБОТА, А СЈО ИНСИСТИРА НА ПРИТВОР ЗАТОА ШТО ОБВИНЕТИОТ ВЛИЈАЕ НА СВЕДОК

2942

Претседателката на кривичниот совет во Апелациониот суд Скопје Лилјана Шопова ги соочи жалбите на СЈО и на обвинетиот Владимир Пешевски во случајот Траекторија за проневера на 156 милиони евра од Буџетот во изградбата на кинеските автопати.

“Со тоа што ми го одзедовте пасошот, ми изрековте пресуда, ме осудивте. Нозете ми ги отсековте. Цела година е ќе треба да останам овде, да не работам и на крајот ќе останам без работа. Во животот прекршок еден немам направено”, рече пред советот обвинетиот Пешевски, кој лани јавно го нападна и истепа новинарот Саше Политико и до денеска не е покрената никаква одговорност против него.

СЈО застапувано од обвинителите Гаврил Бубевски и Стевчо Донев се жали против одлуката на Основниот суд Скопје 1, да не му биде одредена мерка притвор, туку само да му биде одземен пасошот и да се јавува секој вторник во судот. Наведе факти дека не е доволно само одземањето на патната исправа на обвинетиот Пешевски, бидејќи тој е имотен човек, со 27 сметки во 6 различни банки во Македонија, на кои имал постојан прилив, а бил и косопственик на неколку фирми надвор од државава. СЈО смета дака Пешевски може да побегне и наведува дека тој поседува и дипломатски пасош, со важност до 7.01.2018 година.

“СЈО наведува паушални докази, без броеви на банкарски сметки и без суми. Честите патувања во странство што ги споменува, се поради функцијата вицепремиер и како експерт. Од дипломатскиот пасош доставивме фотокопија. Доказ за фирми СЈО прибавило од електронските медиуми. Воопшто  обвинетиот не поседува фирми во странство”, наведува Пешевски во жалбата против одземањето на пасошот.

Обвинителот Бубевски остана на барањето за притвор против Пешевски, зашто, како што рече, опасноста од бегство на Пешевски постои. “Во однос на неговите сметки, во прилог на обвинението доставивме цеде со податоци од банките”, рече тој.

“А во моментот кога сведокот што го предложи СЈО е викнат во Обвинителството, обвинетиот не го контактирал СЈО, туку директно го контактирал сведокот. Пак го викаме сведокот, пак Пешевски му се јавува и контактира со него. Оттука стои и опасноста од влијание врз сведоците во постапката, поради што бараме мерка притвор. Ако тој сведок не го повтори на главен претрес тврдењето што го дал во истрагата, бадијала му е на обвинителит што му зел изјава”, објасни Бубевски зошто бара мерка притвор за обвинетиот Пешевски.

Бранителката на Пешевски рече дека СЈО е селективно во барањето притвор, оти од 4 обвинети во „Траекторија“, само за него се бара најстрогата мерка. Додаде дека нема странски фирми и оти дипломатскиот пасош му е поништен и дупнат.

извор:сдк.мк

Loading...