Повторно труење со храна кај вработени во тетовската фабрика „Леар“

399
1

Дваесет и пет вработени од фабриката „Леар“ биле примени во тетовската клиничката болница каде добиле интервенција поради гадење и повраќање. Работниците потоа се пуштени на опоравување дома. Тоа се случило по денешниот појадок, а од тетовската брза помош информираа дека кај дел од луѓето интервенирале во фабриката, а некои самите дошле да побараат помош.

Според неофицијалните сознанија труењето најверојатно настанало од консумирање на салама или паштета кои за време на појадокот им биле дадени на работниците.

– Колегите добиле повик, па на самото место во фабриката за производство интервенирале и на прв преглед кај четворица констатирале симптоми на гадење повраќање и болки. Не им дале терапија, туку ги однеле во инфективна клиника за да се консултираат со инфектолог. После некое време со возила на „Леар“ донесени во нашата служба се околу седум пациенти со гастроинтестинални симптоми со повраќање и болки, а некои и колабирале но без драматична клиничка слика. Потоа дошле уште од работниците и во инфективна клиника. По добиената терапија сите се пратени дома – изјави доктор Гзим Нуредини од тетовската Брза помош.

Ова е вторпат да се случи вработените да имаат здравствени проблеми по јадење во фабриката. Во март дури 223 работници беа однесени во болница поради повраќање и слични симптоми поради стафилокока во тестенините со месо кои што ги конзумирале во фабриката.