Премиерот Заев му го честиташе Националниот празник на САД

20
1

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев испрати честитка по повод Националниот празник на Соединетите Американски Држави до претседателот Доналд Трамп.

Во писмото со честитки до претседателот на САД Доналд Трамп, премиерот Заев, во свое име и во име на Владата на Република Македонија, упати најсрдечни и искрени желби за севкупниот просперитет на оваа земја и за благосостојбата на американскиот народ.

Честитајќи му го Денот на независноста на САД на американскиот претседател, премиерот на Република Македонија ги оцени односите со пријателските САД како исклучително важни, а заложбата за нивното севкупно натамошно зацврстување од голем интерес и желба на граѓаните на Република Македонија. Улогата на американската администрација, во функција на асистенција при обемните реформски процеси во Република Македонија, е незаменлива, се нагласува во писмото до претседателот Трамп.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, како особено важна ја оцени американската посветена политика кон обезбедување просперитет на државите од регионот на Југоистoчна Европа, и кон Република Македонија како нејзин стратешки партнер.

Премиерот Заев го нагласи интересот на Владата за натамошно севкупно унапредување и зацврстување на одличната соработка и партнерските односи со пријателските САД, и изрази цврсто уверување дека во периодот што претстои двете земји ги очекува интензивиран, плоден и отворен политички дијалог во сите домени од заеднички интерес.

Претседателот на Владата на Република Македонија, во писмото со честитки до претседателот Трамп по повод американскиот Национален празник – Ден на независноста, изрази благодарност за поддршката што САД континуирано ѝ ја дава на Република Македонија, особено во однос на нашите аспирации за што поскоро полноправно членство во НАТО.

„Би сакал да го истакнам своето очекување дека поддршката ќе продолжи и во иднина, а односите на пријателство и соработка, преку заеднички ангажман успешно ќе се развиваат и ќе се продлабочуваат со нагласена динамика“, се вели во честитката до претседателот Доналд Трамп по повод Националниот празник на САД.