„Пучот“ во Турција ја преокупира цела Македонија

109
1

Пучот во Турција, контроверзен и ден денес за западниот свет, наоѓа простор за рекламирање и кампања и во Македонија. Голем број рекламни билборди ги преплавија улиците во местата населени главно со Албанци, но и главниот град во делот населен со Македонци. На рекламата пишува – „15 јули – демократијата победи“, повикувајќи се на тоа што власта на Ердоган го нарекува „Пуч“ од приврзаниците на Гулен во Турција. Овие пораки ги покренуваат дилемите за тоа како една кампања, уште повеќе ако е и контроверзна, наоѓа простор во Македонија. За поставувањето на билбордите, турската амбасада не сака да презеде одговорност туку ја префрла на Сојузот на турски невладини организации „Матусите“. Оттаму велат дека сите активности за одбележување на годишнината од настаните во Турција, сепак, се во координација со турската амбасада во Македонија.

„Сите овие активности се во координација со амбасадата на Р. Турција. Донесена е одлука во Турција да се одржат разни активости за одбележување на годишнината и слични активности да се одржат насекаде каде живеат Турци, каде што Турција има свои претставници со амбасади, организации и соодветни институции. За сите активности запознаени се сите соодветни институции. Централната манифестиација ќе се одржи на 15 јули, а на неа ќе учествува и премиерот Зоран Заев“. – изјави Хусрев Емин, Претседател на „Матусите“

Информацијата за учество на високи државни функционери ја потврдија и од Владата.

„Потврдуваме дека на централната манифестација на 15 јули ќе учествуваат и високи претставници, но се уште не е одредено кој од нив ќе учествува.“ – велат од Влада

За билбордите се ангажирани неколку рекламни фирми. Но, останува нејасно на какви критериуми треба да се заснова рекламирањето, освен финансиската добивка. Граѓаните, пак, не чувстуваат никаква врска со овој настан. Алсат праша неколкумина граѓани, но поголем дел беа зачудени што еден таков настан може да се одбележува и во Македонија.

За историчарот Веби Џемаили, нелогично и срамно е што Турција преку вакви активности се обидува да манипулира со Албанците. Според него, освен верата, ништо друго не ги поврзува со Турција.

“За мене ова е многу голем срам. Бидејќи Албанците во душа се демократи и секогаш се бореле против апсолутизмот, тргнувајќи од Зогу, од Енвер Хоџа, од Тито и секогаш биле демократи. Сега јас се чудам како е можно Албанците да поддржат една апсолутистичка идеологија која има следбеници во Турција, но и во нашата земја. Една тотална манипулација на Албанците, особено на Албанците муслимани, кои се уште се свртени кон Турција. Таму има и едно друго движење кое се држи како тајно, но чии цели се многу штетни. Де факто и де јуре, историски ние Албанците немаме никаква племенска и крвна врска со Турците, ние Албанците само по вера сме блиски со нив.”- изјави Веби Џемаили, Историчар

Алсат праша и во Министерството за надворешни работи како е можно една држава да покрене и финансира политичка кампања за своите внатрешни активности, но оттаму не добивме одговор. Од друга страна, освен законскиот период на изборната кампања, рекламните фирми немаат ниедна ограничувачка регулатива за рекламирањето. Доволно е само да се плати и да се манипулира со јавното мислење. Единствениот ограничувачки барометар е совеста на јавното мислење.

извор:алсатм