Разрешени Јелена Жугиќ и Братислав Димитров

382

Министерот за култура на Република Македонија, Роберт Алаѓозовски денеска донесе решение за разрешување на директорите во НУ Театар за деца и младинци – Скопје, Братислав Димитров, како и на  НУ Театар Комедија – Скопје, Јелена Жугиќ. Како вршителка на должноста директор во Театарот за деца и младинци – Скопје е именувана Катарина Илиевска – Силјановска, додека за вршителка на должноста директор во Театар Комедија – Скопје е именувана Мирјана Поповска – Ристов.

Министерството ја информира јавноста дека „единствена цел на назначувањето на в.д. директори е итно да се ослободат клучните институции, кои беа заробени од кадри што се под целосна контрола на Никола Груевски, кадри врз основа на кои се штимале систематизацијата и критериумите. Воедно, ве известуваме дека во најскоро време ќе биде предложена измена на Законот за државни службеници, со цел да се одблокираат институциите и да се обезбеди демократски трансфер на власта во сите ресори“.

Веднаш штом за тоа се исполнат законските услови, Министерството за култура, низ целосно отворен и транспарентен процес, ќе распише конкурси и ќе спроведе постапки за избор и именување на нови директори, на кои сите заинтересирани кандидати од самите институции, но и надвор од нив, ќе можат да ги предложат нивните програми и визии за департизација, заздравување и унапредување на работата на културните институции во Република Македонија.

Министерството за култура им честита на назначените вршители на должноста директори на овие институции, пред сè, како што се вели во соопштението, „на нивната демонстрирана храброст да се зафатат за оваа мошне тешка, компликувана и одговорна задача, и да одговорат на сериозниот предизвик да се овозможат основни услови овие институции да ја вратат нивната функција и да бидат во служба на јавниот интерес и на сите граѓани подеднакво.“

Паднатите Братислав Димитров и Јелена Жугиќ ќе останат запаметени по говорот на омразата кој го сееја во јавноста, пресметувајќи се со неистомислениците на режимот на Груевски. Жугиќ заговараше употреба на боева муниција против демонстрантите кои бараа слобода, правда и демократија, а Димитров истураше лавини од обвиненија и клевети против активистите за човекови права. И двајцата се дел од Црната револуција која кулминираше со екстремно насилен напад на Собранието на Република Македонија и обид за убиство на пратеници на 27 април 2017 година.

извор:либертас

Loading...