Разрешувањето на Зврлевски денеска на дневен ред на Собранието

90
1

Собранието на Република Македонија на денешната 6. седница треба да расправа и да одлучува по барањето на Владата за разрешување на државниот јавен обвинител, Марко Зврлевски, од функцијата.

Разрешувањето на Зврлевски е 30. точка на дневниот ред на седницата, но според најавите, можно е таа да биде поместена и да биде една од првите за кои ќе одлучуваат пратениците.

За разрешување на државниот јавен обвинител е потребно просто мнозинство од 61 пратеник. Зврлевски, според Законот за јавно обвинителство, има право да присуствува на седницата на Собранието и да се произнесе пред пратениците во врска со предлогот за негово разрешување.

Во образложението на предлогот за разрешување на Зврлевски пред истекот на неговиот мандат, стои дека тоа се бара поради незаконито, ненавремено и недоволно стручно вршење на функцијата.

„…Исто така, во своето однесување и дејствување именуваниот покажа дека не е способен за извршување на функцијата, поради неподнесување барање за поведување кривична постапка за случаи предвидени со закон и поради нарушување на угледот на функцијата“, стои во образложението на предлогот.

Постапката за разрешување на јавниот обвинител Владата ја почна на почетокот на јуни, а на 16 јуни на седница ја усвои одлуката и потоа ја достави до Собранието. Претходно и Советот на јавни обвинители донесе позитивно мислење, односно го прифати предлогот на Владата за разрешување на актуелниот државен јавен обвинител.

извор:мета