Собранието ја утврди потребата од измена на Законот за пушење

246
1

Пратениците на денешната собраниска седница ја утврдија потребата од изменување на Законот за пушење по скратена постапка.

Како што образложи еден од предлагачите на законот, пратеникот Томислав Тунтев, ова е истото законско решение што го предложи СДСМ лани, кога беше опозиција.

– Предлагаме бришење на една алинеа, измена на еден став со цел да се овозможат еднакви основи за сите угостителски работници кои мака мачеа со слекетивна примена на Законот, ненарушувајќи ги притоа воопшто правата на непушачите. Напротив, со овие измени и дополнувања бараме само, таму каде што е дозволено сега пушењето по закон, да биде дозволено и натаму по закон, без оглед на моменталните метеоролошки услови, истакна Тунтев и додаде дека се работи за нов пристап.

За овој закон, подвлече пратеникот, ќе биде организирана и јавна расправа со сите засегнати страни.

Пред почетокот на расправата за ребалансот на Буџетот, Собранието ја утврди и потребата од донесување на измените на законите за регистрирање готовински плаќања, за јавен долг, за култура, за просторно и урбанистичко планирање, за заштита од пушење и за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Откако претседателот на Собранието Талат Џафери рече дека овие точки ќе бидат разгледани по ребалансот на Буџетот, Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ предложи да се симнат од дневниот ред и по нив да се расправа на друга седница, односно да одат во редовна постапка.

– Барам овие предлог-закони да се симнат од дневниот ред зашто се предложени по скратена постапка. Пратениците на СДСМ дадоа 427 изјави во минатиот мандат, а во партиското седиште беа одржани и 226 прес-конференции против носење закони по скратена постапка. Денеска СДСМ одлучи едно од предизборните ветувања да го прекрши арогантно и еклатантно. Не мислам дека овие закони не треба да одат на расправа во Ссобранието, напротив, но сакам на СДСМ да му овозможам, со гласање да одбере дали ќе биде принципиелен и ќе остане на она што го кажуваше досега против носењето закони по скратена постапка или ќе покаже дека ги лажел граѓаните, нагласи Димовски.

Предлогот на Димовски не беше прифатен, „за“ гласаа 40 пратеници, а против беа 60.

Loading...