Собранието заседаваше до 3.30 часот, продолжува денеска

144
1

Маратонската осма седница на Собранието на Република Македонија која траеше до 3.30 часот утрово, ќе продолжи денеска во 13 часот, откако претседателот на Собранието Талат Џафери синоќа прогласи постојано заседание на Парламентот. Попладнето и вечерта минаа без пратениците од владејачкото мнозинство, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата си реплицираа едни на други, што, според Џафери е „некоректно и ја забавува работата“. Пратениците ја продолжија истата практика и ноќта, откако седницата продолжи во 1 часот, по два и пол часовна пауза.

На дневен ред е спроведувањето на буџетот за 2016 година. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ вели дека се работело домаќински, иако Македонија била во голема политичка криза. За пратениците на СДСМ завршната сметка на буџетот покажува многу нерационални трошења.

Министерот за финансии Драган Тевдовски во образложението наведе дека економскиот раст на Македонија во 2016 изнесувал 2,4 проценти, забележувајќи оти тоа е најниска стапка на економски раст во регионот.

Собранието на краткото продолжение на деветтата седница вчера попладнето одлучи ребалансот на буџетот, односно предлог-законот за дополнување на Законот за извршување на Буџетот за 2017 година да се донесе по скратена постапка. Таа седница продолжува в понеделник.

meta