Спасовски: Нема да се откажам од гонење на насилниците од „крвавиот четврток“

843

Повеќе од два месеца поминаа од „крвавиот четврток“ кога на 27 април поголема група луѓе насилно влезе во Собранието на Република Македонија и физички се пресмета со пратениците од тогашната опозиција и новинарите, вклучувајќи го и премиерот Зоран Заев.

По неколкуте изречени кривични пријави и условни казни за дел од насилниците, Обвинителството за организиран криминал и корупција, каде што се наоѓа предметот, соопшти дека во наредниот период во континуитет ќе повикува лица заради прибирање на потребни информации, а исто така посочи и дека ќе презема други дејства за прибавување писмени информации, докази и нивно проучување.

Извори од Обвинителството објаснуваат дека целиот случај моментално се наоѓа во предистражна постапка, односно се прибираат докази со цел да се дознае дали имало дејствија или обележја на кривични дела и кои се нивните извршители.

Пред десетина дена, во Обвинителството за организиран криминал исказ за настаните дадоа припадници на Единицата за брзо распоредување (ЕБР), новинарите и обезбедувачите на премиерот Зоран Заев, кои беа во првите редови пред налетот на толпата во прес-салата во Законодавниот дом.

– Го разбираме зголемениот медиумски интерес, но почитувајќи ги законските и етичките норми, не можеме да дадеме податоци за сите повикани лица во смисла на тоа дали истите се носители на јавни или други функции. Ќе бидат повикани сите, без оглед на нивниот личен, општествен статус или положба. Нашата цел е да дознаеме дали за лицата има докази од кои произлегува дека би можеле во оваа фаза од постапката да дадат известувања за утврдување на околностите поврзани со конкретниот настан – велат од Обвинителството.

Како извор на докази и информации, на обвинителите им беше доставен и извештајот на работната група на МВР, а помеѓу 26-те наведени точки, таму се наоѓаа и доказите поврзани со отворањето на вратите од страна на пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, но и пропустите кај раководителот на оперативниот штаб, Митко Чавков. Снимките од безбедносните камери во Собранието, но и голем дел од доказите веќе еднаш ги прегледаа обвинителите од скопското Јавно обвинителство, но откако биле забележани индиции за организираност меѓу дел од инволвираните во насилството, на крајот на мај списите беа предадени во Обвинителството за организиран криминал. Нови луѓе во внатрешната контрола на МВР Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кој уште минатиот месец најави кадровски промени во внатрешната контрола на МВР за која тврди дека била партизирана, е дециден дека нема да се откаже од гонењето на насилниците од „крвавиот четврток“.

– Побаравме најстроги санкции за насилниците од 27 април, па веќе се суспендирани вкупно 45 припадници на безбедносните сили, меѓу кои и луѓе од највисокото раководство. МВР има институционални и кадровски капацитети да се справи со многу полоши ситуации од оваа. Без санкции, ова министерство не може да функционира нормално. Очигледно е дека некој ја злоупотребил својата положба за напад врз новинарите и пратениците – вели Спасовски,

објавено во Слободен печат

Loading...