Суд во Љубљана додели 740.000 евра на жена која останала неподвижна по операција

На жената која по рутинска операција останала неподвижна судот во Љубљана и доделил отштета од 740.000 евра, што досега е најголема отштета на љубљанскиот Универзитетски клинички центар, јавиле словенечките медиуми.

Пациентката во 2002 година, кога имала 38 години, по операцијата останала парализирана. Пред судот не успеала да докаже дека инвалидноста е последица на лекарската грешка до која дошло при спинална анестезија, како што тврдела во тужбата, ниту поради нестручната постапка при зафатот.

Судот утврдил дека болницата е одговорна за последиците, бидејќи лекарите воочи операцијата не ја предупредиле дека спиналната анестезија може да предизвика одземеност, пишува љубљанско „Дело“.
Нејзе и била доделена отштета по 15 години и 11 различни судски одлуки.

Дел од високата отштета, која делумно ќе ја покрие осигурувањето, веќе е исплатен.

Против најголемата медицинска установа во Словенија од 2005. до 2014 година се поднесени 89 тужбeни барања од таков вид, пишува љубљанско „Дело“.

Loading...