Ципрас, Вучиќ и Борисов: Стабилна Македонија со решено име е услов за целосна поддршка

893

Стабилизација во Македонија и суштински дијалог за наоѓање заемно прифатливо решение за спорот за името се услов за целосна поддршка од Грција, Србија и од Бугарија за евроатлантските перспективи на Македонија. Ова е ставот околу кој се согласиле грчкиот премиер, Алексис Ципрас, неговиот бугарскиот колега, Бојко Борисов, и српскиот претседател, Александар Вучиќ, на денешната трилатерална средба во Солун.

Заедничкиот став околу Македонија го соопшти грчкиот премиер, на прес-конференцијата со Борисов и со Вучиќ.

Ципрас, како што пренесуваат грчките медиуми, истакнал дека Европската комисија ја поддржува европската перспектива на Балканот, додавајќи дека Грција, Бугарија и Србија можат да одиграат значајна улога како стаблизирачки фактор во регионот.

На средбата се разговарало за железничката поврзаност на Солун со Бургас и со Белград, како и за енергетската соработка меѓу трите земји.

Српскиот претседател, Александар Вучиќ, на прес-конференцијата по средбата истакнал дека трите земји кога се заедно се не само трипати, туку десетпати посилни, отколку кога настапуваат поединечно. Тој нагласил дека Србија е подготвена заедно со Грција и со Бугарија да учествува во различни проекти, кои се од економски, но и од политички интерес за трите земји и нации.

Бугарскиот премиер, Бојко Борисов, посочил дека е негов сон да ги види трите земји инфраструктурно поврзани со патишта и со железница и дека тоа ќе биде еден од приоритетите за време на бугарското претседавање со Европската Унија.

meta

Loading...