Турски новинар: Семејство од Скопје бесплатно ме прими за Суперкупот иако не ме познаваше

2736
1
Престојот во Скопје ќе го запамети по атмосферата на натпреварот меѓу Манчестер јунајтед и Реал Мадрид, плоштадот со големите споменици, но најмногу по љубезноста на неговите домаќини.

Општиот впечаток во светот за Македонците е дека се една од најгостољубивите нации. Овој впечаток прилично го расипаа хотелиерите во земјава, кои за време на одржувањето на Суперкупот ги кренаа цените на сместувањето „до небо“, ги откажуваа однапред направените резервации и истото сместување го нудеа за десет пати повисока сума, со што го навлекоа гневот на многубројни фудбалски фанови што допатуваа во Скопје.


И покрај ваквите случувања, спортскиот новинар Хакан Агар од Маниса, Турција, на своја кожа ја почувствува прочуената македонска гостопримливост. Тој работи за турскиот интернет-портал Manisa Haber Gazetesi (Маниса дневен весник) и веќе 7 години ги следи големите спортски случувања. Професионалните обврски му наложиле на 25-годишниот Хакан да дојде во Скопје и да известува за Суперкупот. Но, кога почнал да бара сместување, многу се изненадил.

– Пред да се објават резултатите од лотаријата на УЕФА за билетите, хотелите чинеа од 20 до 50 евра од ноќ. Веднаш по објавувањето, цените скокнаа на 500 до 1.000 евра и тоа беа соби што останале последни зашто веќе немаше ни многу слободни места. Цените беа превисоки, а сместување со пониска цена беше невозможно да се најде – раскажува Хакан.

Штом видел дека нема да може да престојува во хотел, почнал да се распрашува меѓу пријателите дали познаваат некого во Македонија каде што би можел да престојува за време на Суперкупот.

– Еден мој добар пријател, кој е фудбалер во Турција, се јави кај својот братучед во Скопје за да праша дали може да ми најде сместување. Тој и неговото семејство без размислување ме поканија бесплатно да престојувам кај нив и ме гостеа три дена. А не ме ни познаваат – вели Хакан.

Во трите дена колку што престојуваше во Скопје, Хакан успеал да го прошета градот, како и околните места, во друштво со најмладиот член на семејството на неговите домаќини, Лоран Бајрами. Освен што присуствувал на натпреварот меѓу Манчестер јунајтед и Реал Мадрид, успеал да ги види и центарот на градот, Старата чаршија, да го почувствува ноќниот живот. Дури бил и на Матка.

– Скопје многу ми се допадна. На Матка се возевме со кајче по реката Треска, во чаршијата бевме на ќебапи, а со мојот нов пријател Лоран игравме табла во Капан ан. Се качивме до Музејот на современа уметност и морам да кажам дека сум воодушевен од погледот на стадионот оттаму, како и на целиот центар. Успеав накратко да отидам и на „Пиво фест“, кој се одржуваше во истите денови со Суперкупот, а бевме и во ноќниот клуб „Маракана“. Плоштадот со спомениците многу ми се допадна и ми беше интересен, а за луѓето можам да кажам дека се многу добри, гостопримливи и подготвени да помогнат – вели Хакан.

На мечот меѓу Манчестер јунајтед и Реал Мадрид навивал за шпанскиот тим, а инаку е страстен навивач на турскиот фудбалски тим Манисаспор. Присуствувал на многу спортски случувања, од кои ги издвојува фудбалскиот натпревар од финалето на Лигата на шампионите во Истанбул во 2005 година меѓу Милан и Ливерпул, финале на фајнал-фор во кошарка. Имал билети и за финале на НБА, но не успеал навреме да добие виза за САД, па наместо тој, на натпреварот отпатувал неговиот зет со другар.

Хакан вели дека престојот во Скопје ќе го запамети по неколку работи, а најмногу по неговите љубезни домаќини кои ги отвориле вратите од нивниот дом без воопшто да го познаваат.

– Ќе ја паметам атмосферата на стадионот за време на натпреварот, спомениците на плоштадот, кои се многу големи, и гостопримливоста на моите домаќини, особено колачот и чајот на Лаки и полнетите пиперки на Маја. Би сакал, пак, да дојдам во Скопје бидејќи градот многу ми се допаѓа. Не е огромен, но не е ни многу мал. Плус, релативно е евтин за странските туристи – завршува Хакан.

извор: скопје24