УЕФА ја одреди најригорозната казна во историјата!

Најдобриот албански клуб во последните неколку години, екипата на Скендербег, очекувано доби драконска казна од страна на УЕФА поради местење натпревари.

Имено, Скендербег дури 10 години нема да смее да биде дел од европските натпреварувања, а допрва се очекува казната, ако воопшто ја има, и од Албанската фудбалска федерација.

Некогашниот првак на Албанија и прв клуб кој ја претставувал оваа земја во групната фаза од европските натпреварувања (Лига на Европа), беше обвинет за местење натпревари и тоа по втор пат. Албанските медиуми сега објавија документ во кој се потврдува казната од УЕФА од 10 години. Освен долгогодишната суспензија, Скендербег е приморан да плати и милион евра казна.

Скендербег и претходно беше под сомнение за местење натпревари, но помина со условна казна од УЕФА. Прекршувањето на истата придонесе УЕФА да биде немилосрдна кон албанскиот клуб.

Со оваа казна, Скендербег ја прескокна нашата Победа на листата на најголеми казни одредени од страна на европската куќа на фудбалот. Прилепскиот клуб во 2009. година беше суспендиран на осум сезони поради местење на натпреварот со Пјуник во квалификациите за Лигата на шампионите. Освен од УЕФА, Победа доби суспензија и од ФФМ поради што мораше да згасне, па одново да се формира нов клуб кој започна да игра од најниските фудбалски лиги. Досега Победа беше рекордер според висината на казната одредена од страна на УЕФА.

Loading...