УКИНАТ ПРИТВОР ЗА НОВИНАРОТ ЗОРАН БОЖИНОВСКИ, ЌЕ СЕ БРАНИ ОД СЛОБОДА

83

Новинарот Зоран Божиновски, претпладнево во Кривичниот суд во Скопје е ослободен од мерката притвор и пуштен е да се брани од слобода. Судијката Ленка Давиткова на предлог на обвинителот ја укина мерката притвор и одредила мерка на претпазливост Божиновски еднаш неделно да се јавува во Основниот суд Куманово, за да не ја напушти државата. Според семејството на Божиновски, тој попладнево ќе излезе од затворот во скопска Шутка.

Божиновски е три години во притвор, прво во Србија, а откако беше екстрадиран 14 месеци помина во затворот во Шутка.

Наредното рочиште на судењето на Божиновски е закажано за почетокот на септември, кога треба да се сослуша уште еден сведок.

Новинарот Зоран Божиновски е обвинет во случајот „Шпион“ за злосторничко здружување и уцена.

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) пред дваесетина дена ги повика обвинителството и судот да го пуштат од притвор Божиновски и да му се овозможи да се брани од слобода.

„Долгиот притвор против Божиновски, веќе не служи за ефикасно одвивање на судскиот процес, туку прераснува во казна“, бараше ЗНМ во јавното обраќање до надлежните институции. „Ослободувањето на Божиновски ќе ја одвои Македонија од групата на авторитарните земји во Европа, како што е Турција, Русија и Азербејџан, каде постојано се прогонуваат новинари“, вели ЗНМ.

„На сите им е јасно дека мерката притвор во случајот на Божиновски е злоупотребена од претходната влада, со единствена цел да се замолчи критички новинар“, велат од ЗНМ.

извор:сдк

Loading...