(ВИДЕО) Џафери од Крушево: Ние имаме заедничка татковина и сме одговорни да ја зачуваме

989
1

Како претставник на Собранието на Република Македонија, но и главен покровител на собирот во Крушево за празникот Илинден, Талат Џафери во своето обраќање рече дека сите кои живеат во Македонија треба да бидат среќни што претците се бореле за правда и еднаквост.

„Некој ќе рече дека од историјата не се живее и тоа е точно. Но историјата ја детерминира сегашноста. Токму таа историска детерминација, била мотивација и завет на Македонците, Албанците, Турците, Власите, Србите и многу други кои се избориле за својата слобода. Константата која е втемелена во Крушевскиот манифест за мултикултурниот дел е и во Уставот на Македонија. Ние поминавме низ премрежија и кризи, а важно е дека истите не го нарушија соживотот. Ние имаме една заедничка татковина и сме одговорни да ја зачуваме за нас и идните поколенија“, рече Џафери.

Во исто време, рече претседателот на Собранието, сите ние кои живееме тука, споделуваме еден заеднички сон, а тоа е интеграцијата во ЕУ и НАТО.

„За жал, во патот стои спор кој го знаат сите, а го знае и меѓународниот фактор, но јас сум оптимист и длабоко уверен, дека ќе се искачиме скалило повеќе на политичката сцена“, рече Џафери.

Тој потенцираше дека новото парламентарно мнозинство ќе се посвети на прашањето за полноправно членство во ЕУ, но и развој на добрососедките односи со регинот. Во однос на Договорот кој Македонија го потпиша со Бугарија, тој се надева дека истиот ќе биде ратификуван во двата парламента.

„Собранието на РМ и 120 пратеници има капацитет и политичка воља да ја исполни својата обврска, која произлегува од планот 3-6-9. Сакам да верувам дека последната политичка криза нè научи дека не смееме да ги повторуваме нашите грешки. Верувам дека сите ние полека, но сигурно, ги надминуваме антогонизмите кои немаат место во нашата историја. Тоа им го должиме на сите претходни генерации кои го дале животот за Македонија“, рече Џафери во своето обраќање на централната прослава на Илинден во Крушево.

извор:макфакс