Владата ја одржа 14-та седница, еве ги сите донесени одлуки

1279

На 14-та Седница на Владата на Република Македонија, што се одржа денеска, донесени се повеќе заклучоци и одлуки во интерес на граѓаните на Република Македонија, известуваат од владината прес служба.

Соопштението ви го пренесуваме во продолжение:

Во интерес на транспарентно и навремено известување за активностите на Владата на Република Македонија, на денешната владина седница беше одлучено Миле Бошњаковски да ја извршува функцијата портпарол на Владата на Р.Македонија.

Беше заклучено дека огромното искуство и професионалниот капацитет што Бошњаковски ги поседува во областа на комуникациите, е цврста гаранција за понатамошното транспарентно, навремено и отчетно информирање на граѓаните за активностите на Владата на Република Македонија.

Со цел да спречи понатамошни штети по Буџетот на Република Македонија од неодговорното однесување на дел од членовите на управните и надзорните одбори на јавните претпријатија, за кои постојат информации дека биле потпишувани штетни менаџерски договори и дека биле именувани луѓе на менаџерски позиции со надоместоци со астрономски износи, Владата на Република Македонија усвои решенија за разрешување на членови на сите управните и надзорни одбори на јавните претпријатија, јавните здравствени установи, јавните установи за социјална работа, агенции и други правни лица. Исто така, одлучено е да се отповикаат членови на комисии и членовите на секој надзорен одбор и одбори на директори од акционерските друштва во државна сопственост, а за Регулаторните тела да се достави предлог за разрешување на управните одбори до Собранието на Република Македонија.

Владата на денешната седница ја именува Радмила Шекеринска за претседател на Организациониот одбор за прославата на државниот празник 2 Август – Ден на Републиката.

Владата денеска ја разгледа и усвои информацијата за статусот на спроведување на проектот Национален портал за електронски услуги за граѓаните, поддржан со средства од ИПА фондовите, за што беа задолжени одредени министерства и државни институции. Од нив се очекува во најскоро време да ги утврдат приоритетните услуги што им се нудат на граѓаните со цел да се направи селекција на најважните 50 сервиси, што граѓаните ќе ги добиваат по електронски пат.

Исто така на денешната седница, Владата разгледа и усвои информација за тринаесетиот состанок на Советот за стабилизација и асоцијација меѓу Република Македонија и Европската Унија што ќе се одржи на 18 јули во Брисел, со платформа за настап на државната делегација предводена од министерот за надворешни работи, Никола Димитров.

Владата ја разгледа и усвои информацијата за тендерската постапка за доделување на договори за јавно приватно партнерство за финансирање, одржување и развивање на дистрибутивен систем на природен гас во регионите 1, 2 и 3, како и информацијата за мулти-индикаторското, кластерско истражување со кое се оценува состојбата на социјалниот статус на жените и децата.

На денешната седница на Владата на Р.Македонија, премиерот Зоран Заев ги пренесе впечатоците од разговорот со заменик претседателот на САД, Мајк Пенс, и ја истакна огромната поддршка што заменик претседателот Пенс ѝ ја дава на Македонија во спроведувањето на реформите од Планот 3-6-9, со што уште еднаш се потврдува поддршката на САД за евроатлантските перспективи на земјата и регионот.

извор:либертас

Loading...