ВМРО-ДПМНЕ: Чекаме Заев час поскоро да ја внесе Македонија во ЕУ и во НАТО

127

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска соопшти дека во Собранието ќе гласа за членство на Македонија во Европската Унија и во НАТО и го повика премиерот Зоран Заев „да го искористи моментот и веднаш, час поскоро, да ја внесе земјата во ЕУ и во НАТО“.

Од партијата велат дека ги поздравуваат средбите и телефонските разговори што ги имаше Заев со челниците на поважните земји од меѓународната заедница на кои доби поддршка за реформите, кои вети дека ќе ги спроведува и кои треба што поскоро да резултираат со членство на Македонија во ЕУ и во НАТО.

„Сега на потег е Зоран Заев и неговата влада. Сега треба да ја прими поканата за членство во НАТО и датумот за почнување на преговорите со ЕУ. Сега веќе никој не може да каже дека проблемот е во ВМРО-ДПМНЕ или во нашите меѓународни партнери од ЕУ и од НАТО. ВМРО-ДПМНЕ е во опозиција, без можност да одлучува за идните владини чекори, а СДС има мнозинство во Собранието. САД, Германија, Франција, Велика Британија и другите изјавија дека се подготвени да ја поддржат Република Македонија за влез во ЕУ и во НАТО. Заев пред изборите говореше дека во рок од шет месеци ќе ја добиеме поканата за НАТО и ќе добиеме датум за преговори, нешто што е стратешка цел на ВМРО-ДПМНЕ. Веќе нема никаков простор да се говори за некакво одмрзнување на замрзнати препораки. Сега сè е во рацете на Зоран Заев и нема простор за изговори. Треба да го искористи моментот и да ја внесе земјата во ЕУ и во НАТО веднаш, час поскоро. ВМРО-ДПМНЕ во Собранието ќе гласа за членство во ЕУ и во НАТО“, стои во соопштението.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека не ги знаат деталите околу неодамнешната посета на министерот за надворешни работи Никола Димитров на Атина, но дека информациите од брифинзите за новинари во МНР „звучат интересно“.

„Зоран Заев кажа и дека ќе го заштити македонскиот идентитет, а неговиот министер Димитров дека договорот со Бугарија, кој јавноста сè уште го нема видено, ќе го потпишел со гордо крената глава. Во однос на Грција, од МНР брифираат новинари дека со посетата на Атина, јужниот сосед бил ставен во дефанзива и без никакви аргументи пред западните партнери заради новата политика на владата на Заев. ВМРО-ДПМНЕ не ги знае деталите околу посетата, но информациите од брифинзите звучат интересно. Затоа сега сите чекаме брз влез во НАТО и преговори со ЕУ. Час поскоро и без одложување“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

meta

Loading...