Вредноста на компанијата Spotify изнесува 26 милијарди долари иако никогаш нема остварено профит

Spotify вчера излезе на берзата, а после само еден ден тргување, вредноста на компанијата се искачи на 26 милијарди долари.

Поминаа 12 години откако во Шведска беше основан Spotify, моментално најголемиот стриминг сервис на светот со убедливо најголем број на корисници. Во текот на овој период, оваа компанија никогаш нема остварено профит.

Само во последните неколку години, Spotify работеше со големи загуби и беше прашање дали воопшто некогаш оваа компанија ќе започне да заработува. Сепак, и покрај тоа, очигледно е дека инвеститорите имаат доверба во оваа компанија затоа што после само еден ден на берзата, нејзината пазарна вредност изнесува 26,5 милијарди долари.

После излегувањето на берзата, нешто за што Spotify се подготвуваше веќе подолго време, извршниот директор и ко-основач на компанијата, Даниел Ек ќе мора да пдонајде одржлив и профитабилен бизнис модел благодарение на кој Spotify ќе започне да заработува.

Моментално најголемиот проблем за Spotify се дискографските куќи кои што земаат преголем дел од парите, затоа што од секој долар кој Spotify го заработува благодарение на рекламите, повеќе од 70 центи одат во џебовите на издавачите и музичарите.

Едно од потенцијалните решенија за остварување на профит е да се заобиколат големите дискографски куќи и да се соработува директно со помалите дискографски куќи. Тоа би можела да биде добитна комбинација за двете страни, затоа што Spotify ќе може да договори подобри услови за поголема заработка, а на малите компании нема да им биде потребна помошта на „поголемите“, туку директно ќе соработуваат со Spotify.

Целта на Spotify е директно да ги поврзе музичарите со слушателите, без притоа да се вмешаат големите дискографски куќи и притоа да земат провизија која што би била поголема од таа што ја земаат сега.

Loading...