ЗА ДА ЗЕМААТ ДРЖАВНИ ПАРИ, ИНВЕСТИТОРИТЕ ЌЕ ТРЕБА ДА ИСПЛАЌААТ ПРИСТОЈНИ ПЛАТИ, ВЕЛИ ВИЦЕПРЕМИЕРОТ АНЃУШЕВ

673
1

Инвеститорите ќе добиваат државна помош соодветно на платата што ќе ја добиваат работниците, најави вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев. Каков ќе биде соодносот ќе се знае во септември, кога Владата ќе ги каже новите правила за субвенционирање на инвеститорите. Истите критериуми ќе важат и за странските и за домашните инвеститори.

„Ќе има скала. Со тоа ќе ги стимулираме инвеститорите. Посебни субвенции ќе има за задржување на високообразовниот кадар, со пристојни плати“, рече Анѓушев на денешната прес-конференција.
А на прашањето што е пристојна плата објасни дека „тоа е плата со која што ќе може во Македонија пристојно да се живее, а колку изнесува ќе видиме во септември“.

Инвеститорите кои што веќе работат во Македонија не треба да стравуваат, оти Владата ќе ги испочитува постоечките договори во целост. За инвеститорите кои не ги исполниле условите од договорите, секаде каде што има можност, ќе биде заштитена државата.

Дополнителни државни средства ќе се добиваат и за отворање развојни центри, а помошта се врзува и со соработката со домашни компании.
„Субвенционирањето ќе биде во рамките на Законот за државна помош, до 50% од инвестицијата, нема да правиме разлика во сопственоста а помошта ќе се дава врз основа на критериуми, и нема да зависи, како досега, од договорите во четири очи“, кажа Анѓушев.

Во изминатите години, вакви договори правеле и советници од кабинетот на премиерот.
По новите критериуми, некои од постоечките инвеститори би добиле и повисока помош од постоечката.
Нема да се укинат економските промотори. Ќе има нов оглас, тие ќе бидат економски аташеа во амбасадите а ќе имаат и задача да работат на промоција на македонските производи во странство а не само на привлекување на странски инвестиции.

Од септември 2018 се најавува старт на дуално образование, по германско- австриски модел, како одговор на барањето на инвеститорите за соодветен кадар.

извор:сдк.мк