vesti24.mk
ВЕСТИ ЕКОНОМИЈА СВЕТ

Во Словенија 700 евра минимална плата до 2020 година

ECA

Во Народната банка на Република Македонија се одржа 31. сесија на Клубот на истражувачите, на која, по поздравното обраќање на гувернерката на НБРМ, Анита Ангеловска-Бежоска, беа презентирани истражувачките трудови: „Оценување на ефикасноста на банките во Република Македонија: Непараметарски пристап“ од Катерина Фотова-Чиковиќ и Виолета Цветкоска, професорка на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, и „Дезинфлаторните прелевања од земјите во eврозоната кон земјите од Југоисточна Европа“ од Гани Рамадани од НБРМ и Предраг Пандилоски од „Вотсон скул“ при Универзитетот на Пенсилванија, соопштуваат од НБРМ.

Целта на првиот презентиран труд од авторките Фотова-Чиковиќ и Цветкоска, велат од Народната банка, е да се оцени релативната ефикасност на деловните банки во Република Македонија со користење на ДЕА-техниката – прозорска анализа. „Врз основа на пристапот на профитабилност во истражувањето се избрани два инпута и два аутпута. Примерокот за анализа користен од авторките се состои од четиринаесет деловни банки во земјата и набљудуван е периодот од 2007 до 2017 година. Според резултатите за просечната ефикасност за целиот набљудуван период, што на сесијата ги презентира Цветкоска, авторките заклучуваат дека групата на големи банки покажува највисока ефикасност.

Во рамките на презентирањето на трудот Цветкоска посочи дека во десетгодишниот период, заклучно со 2017 година, според нив, македонскиот банкарски сектор во целина највисока ефикасност покажува во 2007, а најниска во 2011 година. Според нивните согледувања, кои се темелат на спроведената анализа, во периодот од 2008 до 2011 година, намалувањето на ефикасноста се поврзува со глобалната финансиска криза, а потоа ефикасноста забележува пораст“, посочуваат од Народната банка по завршувањето на сесијата.

Во завршницата на претставувањето на трудот, додаваат од НБРМ, беше нагласено и дека резултатите од истражувањето даваат информации за регулаторите, креаторите на политиките и менаџментот на деловните банки за натамошно подобрување на еден од важните индикатори за успех на финансиските институции, односно нивната ефикасност.

Целта на истражувачкиот труд, пак, на Рамадани и Пандилоски, е да се анализираат детерминантите на движењето на инфлацијата во Југоисточна Европа (ЈИЕ), велат од НБРМ.

Како што беше посочено и на сесијата, симултаниот тренд на дезинфлација во целиот регион од 2012 година до средината на 2016 година го наметнува прашањето дали и до кој степен ниската инфлација во еврозоната и другите заеднички фактори влијаеле врз дезинфлацијата во ЈИЕ.

„Користејќи тримесечни панел-податоци за десет земји од ЈИЕ, за периодот меѓу 2004 и 2017 година, во трудот двајцата автори моделираат хибридна неокејнзијанска Филипсова крива базирана на мала и отворена економија. Според презентираната анализа, клучни се ефектите од светските цени на храната и енергијата, како и ефектите од ценовните притисоци на еврозоната врз дезинфлациските движења во земјите од ЈИЕ.

Генерално, истражувањето покажува дека дезинфлаторните прелевања од еврозоната се важен фактор за земјите со поригиден режим на девизен курс, како и за оние со поголема трговска размена со еврозоната. Понатаму, анализата на хетерогеноста покажува дека и земјите со помалку ригидни режими на девизен курс, но со релативно висока изложеност на трговска размена на пазарот на еврозоната, се чини дека се чувствителни на прелевање на инфлацијата од еврозоната,“ се наведува во соопштението.

Во завршницата на своето излагање Рамадани посочи дека цикличната невработеност не се покажува статистички сигнификантна во примерокот, што е во согласност со неколку неодамнешни наоди за израмнување на Филипсовата крива во многу економии во светот.

Loading...

Related posts