vesti24.mk
КУЛТУРА

„Македонско девојче“ се заигра на плоштадот во Шибеник (ВИДЕО)

ECA

Игроорците од КУД Керамичар од Велес заиграа оро среде Шибеник – Хрватска, на кое се фатија бројните туристи и домаќини.  Така „Македонско девојче“ се пееше на градскиот плоштад, а многумина не ја пропуштија можноста да заиграат на оваа песна.

Гостувањето на  уметници од Велес во Шибеник беше преку Хрватско –македонската тангента во соработка со Хрватската матица, огранок во Шибеник и Туристичката заедница на Шибеник.

Освен настапите на велешките игроорци, настапија и дел од членовите на Клубот на писатели „Кочо Рацин“ од Велес, кои читаа своја поезија, а во градската библиотека беше поставена изложба на фотографии од архитектурата на Велес.

За изненадување на домаќините, од страна на Заедницата на Македонците од Шибеник,  на плоштадот беа поставени традиционалните македонски јадења, кои бројните присутни со задоволство ги вкусија. Тавче гравче, пинџур, турли тава, сарма од лозов лист беа на менито, кое никого не остави рамнодушен.

Станува збор за манифестација од културен, забавен и етно гастро карактер, со цел да се претстави богатата македонска традиција и култура во Шибеник, пред тамошните домашни и странски туристи.

– Помеѓу Шибеник и Велес постои силно поврзување и се надеваме дека градот Велес ќе има можност да организира претставување на шибенската култура во Македонија – велат организаторите на претставувањето на Велес во Шибеник.

Гостите од Велес се претставија со своја музичко- фолклорна програма, дел од богатото македонско културно наследство, пред сè со народни песни и традиционални македонски ора, пред зградата на Жупанијата. Во текот на дводневниот престој, бројната уметничка група од 50-тина гости од Велес, ги запозна историските и културни вредности на Шибеник,и Шибенско – Книнската жупанија.

Posted by Tanja Jovanoska Kalpić on Monday, 12 June 2017

 

извор:скопјеинфо

Loading...

Related posts