vesti24.mk
ВЕСТИ ЕКОНОМИЈА

Народна банка: Третиот бран на Ковид 19 негативно влијаеше на економското закрепнување во првиот квартал

ECA

Падот на БДП во првиот квартал беше очекуван во услови на трет бран на Ковид 19, а податоците за вториот квартал упатуваат на позитивни сигнали, оцени Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, на којашто беа разгледани движењата на меѓународните и на домашните финансиски пазари и показателите за домашната економија во контекст на поставеноста на монетарната политика и на која е одлучено да се задржи каматната стапка на благајничките записи на ниво од 1,25 отсто.

Во соопштението од Народната банка наведуваат дека на седницата, одржана вчера, беше одлучено основната каматна стапка да остане непроменета, на нивото од 1,25 отсто, со што монетарната политика и натаму има релаксиран карактер.

-Со оглед на веќе извршеното олабавување во март 2021 година, додека сѐ уште постојат неизвесноста и ризиците поврзани со пандемијата, на оваа седница беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да се задржи на постојното ниво, коешто беше оценето како соодветно на тековните економски и финансиски услови. Досегашното намалување на основната каматна стапка, како и позначителното намалување на понудениот износ на благајнички записи, придонесе за зголемување на ликвидноста на банкарскиот систем и поддршка на кредитните текови во економијата. На седницата беше потврдено дека вкупната ликвидност ослободена преку основниот инструмент на Народната банка од почетокот на пандемијата е соодветна, при што се одлучи на аукцијата што ќе се одржи денес да се понудат благајнички записи во непроменет износ од 10 милијарди денари, стои во соопштението.

Се додава дека според последните расположливи макроекономски показатели за економската активност, бруто домашниот производ во првиот квартал од 2021 година забележа реален пад од 1,9 отсто на годишна основа, во услови на трет бран на ковид-19 што негативно влијаеше врз динамиката на економското закрепнување. Ваквата динамика на економската активност во првото тримесечје, според Народната банка, беше очекувана во рамките на априлскиот циклус проекции. Тековно расположливите високофреквентни податоци за вториот квартал од 2021 година се ограничени за поцелосно согледување на состојбите, но упатуваат на позитивни сигнали согласно со стабилизирањето на третиот бран од пандемијата и започнатата имунизација во земјата. Посочуваат дека податоците за април покажуваат значително забрзување на реалниот годишен раст на прометот во вкупната трговија и индустриското производство, во поголем дел заради ниската споредбена основа, што е поврзано со строгите мерки воведени за спречување на ширењето на ковид-19 во овој период од минатата година.

Во однос на инфлациските движења, оценуваат дека годишниот раст на цените во периодот април – мај 2021 година изнесува 2,9 отсто и е во согласност со очекувањата според априлските проекции на Народната банка. -Во однос на очекуваните движења на увозните цени, последните ревизии се во нагорна насока. Неизвесноста во однос на движењето на светските цени на примарните производи во следниот период е особено нагласена, согласно со неизвесните економски ефекти поврзани со пандемијата и изгледите за справување со неа, посочуваат од Народната банка.

Девизните резерви се одржуваат на соодветното ниво и во сигурната зона, а на крајот на мај 2021 година тие бележат зголемување во однос на состојбата на крајот на првиот квартал. Во однос на расположливите податоци од надворешниот сектор за второто тримесечје од 2021 година, податоците за април покажуваат проширување на трговскиот дефицит, којшто е нешто повисок од очекуваниот за вториот квартал од годината, но периодот на оцена е премногу кус за донесување посигурни заклучоци,, сметаат од Народната банка и додаваат дека согласно со последните податоци за менувачкото работење, остварените нето-приливи се малку повисоки од очекуваните за вториот квартал од 2021 година. Остварувањата кај билансот на плаќања за првиот квартал од 2021 година се во согласност со очекувањата според априлската проекција.

Во рамките на монетарниот сектор, согласно со првичните податоци за мај, продолжува годишниот раст на депозитите и кредитите, со нешто побрза динамика во однос на априлската проекција.

-Во периодот помеѓу двете седници на Комитетот, ликвидноста на банкарскиот систем во домашна валута дополнително се зголеми, за што покрај остварувањето на редовните буџетски расходи, придонесе и започнувањето со примената на шестиот пакет фискални мерки за ревитализирање на економијата од неповолните ефекти на пандемијата. Во такви околности, банките имаа релативно ниска потреба за тргување со краткорочни денарски ликвидни средства на пазарите на пари. Постепеното закрепнување на економската активност во земјата во мај придонесе за зголемена потреба за девизи од корпоративниот сектор, но и највисока месечна нето-понуда на странски девизни средства од физичките лица на девизниот и на менувачкиот пазар, од март 2020 година наваму. Банките ја задоволија нето-побарувачката на девизи од клиентите од своите девизни средства, поради што Народната банка немаше интервенции на девизниот пазар, се наведува во соопштението.

Посочуваат дека на седницата на Комитетот е заклучено дека движењата кај основните макроекономски параметри засега се во рамките на очекувањата, но дека неизвесноста и ризиците од пандемијата предизвикана од ковид-19 и понатаму постојат и дека Народната банка и во следниот период внимателно ќе ги следи трендовите и потенцијалните ризици, заради соодветна реакција, доколку е потребно.

извор:курир.мк

Loading...

Related posts