vesti24.mk
ЗАБАВА

Новогодишни клише изрази кои навистина одат на нерви!

ECA

Понекогаш чувствувам дека новогодишниот период е воено поле на кое секој се натпреварува да докаже дека не ја сака Нова година и новогодишната еуфорија. Сега е некако модерно да се биде негативен околу се што останатите го сакаат, бидејќи тоа е  уникатно, меѓутоа, бидејќи сите сакаат да бидат уникатни, забораваат дека се повеќе наликуваат едни на други.

Денес ќе ги претставам новогодишните клишеа кои навистина ми одат на нерви. И не, „Каде за Нова година?“ нема да биде во листата, затоа што не гледам што има толку чудно во тоа некој да покаже интерес за плановите на останатите луѓе. Покрај тоа, во декември сигурно не очекувате да ве прашаат за вашите планови за 1 мај. Овој пат, решив да пишувам за негативните и цинични коментари кои одамна веќе не се ниту интересни, ниту уникатни.

1 . „Како може да ти е интересно да славиш Нова година?“

Сосема е легитимно правото некој да не го сака славењето на Нова година, но навистина е иритантно постојаното критикување на останатите кои сакаат да слават. Има луѓе на кои им е незгодно да кажат дека сакаат да слават, затоа што од другата страна имаат напади и исмевања заради тоа.

Ако на човек не му е интересно нешто да прави, не мора да го прави. Ама навистина нема потреба на останатите да им се уништува радоста и позитивната енергија со постојани намќорести коментари и осудувања, затоа што некој сака да се забавува за Нова година.

2. „Мора сите да ставите слики со снег?“

Ова обично доаѓа во форма на Фејсбук статус. Бидејќи во предноводишниот период обично паѓа првиот снег, социјалните мрежи навистина се преплавени со слики од снег и новогодишни песни. Тоа е сосема очекувано и нормално. Но, она што го имам забележано е дека понекогаш нема толку многу слики и песни за снег колку што има коментари од типот: „Еј, како да не сте виделе снег“ или „Ај не може уште некој да стави песна за снег или Нова година.“ Дури и има натпревар, снегот започнал да паѓа пред 5 минути, а веќе има коментари: „Ајде сега сите со сликите!“, иако никој и ништо не постирал. Ама мора да има негативност. За секој случај.

Многу поклише и поизлитени се разговорите и „хејтањето“ на одредена работа, отколку правењето на истата. На крајот на краиштата, секој има право да постира на својот профил што сака и колку сака. Ако некому тоа смета, има опции кои оневозможуваат да не се гледаат сликите, наместо да се шири негативна енергија затоа што неколку луѓе решиле да постираат слика со снег.
3, „И што ако е Нова година?“

И ништо. Нова година ко Нова година. Ќе дојде и ќе помине. Како и се во животот. Никој не вели дека треба да паѓаме во несвест, но не мора се да се прима рамнодушно и апатично. Нема со новата година магично да се појавуваат виножита и еднорози, ама и со постојано додавање негативни вибрации на се возможно, нема ништо да се поправи или да биде поинтересно.

4. „Во Скопје нема каде да се оди!“

Ова веројатно највеќе ме нервира од сите. Во Скопје има милион места каде да се оди. Не само за Нова година, туку и општо за време на предновогодишниот период. Овој дел од годината е полн со најразлични настани: од забави до културно-уметнички манифестации. Секој ден од неделата е полн со најразлични случувања. Не е точно дека нема каде да се оди, само мрзливоста да се побара е поголема од желбата да се пронајде настан или забава.

извор:курир.мк

Loading...

Related posts