Uncategorized

Ноќ кога ѕвездите плачеа: Минаа 15 години од „мајсторката“ со најшокантна завршница кај нас!

ECA

Рацете веќе беа во воздух, a насмевките „намонтирани” на лицата во чест на уште еден пласман во големото финале, кога во само четири секунди работите неверојатно целосно се променија и тоа поради можеби најчудниот и најнејасен потег направен во досегашната историја на македонската кошарка.

Солзите на лицата на велични како Перо Блажевски, Ѓорѓи Књазев, Јорданчо Давитков (тренер), но и на странците како Хрватот Јосип Сичиќ и Русинот Михаил Мишунов и по 15 години сѐ уште се врежани во сеќавањата на присутните на „мајсторката“ од полуфинална серија помеѓу МЗТ Скопје и Никол Ферт (беше 1-1 во победи). Средбата се одигра на 23 април 2001 година, во до врв исполнетата стара сала „Јане Сандански“, во која гостиварци имаа добитна ситуација односно водство 61-60 на четири секунди до крајот и топка во сопствен посед.

И, кога сѐ беше подготвено за славје на клупата на тогаш сѐ уште актуелниот шампион, Будимир Јоловиќ изведувајќи ја топката од под сопствениот кош наместо да ја упати до некој од соиграчите, тој неочекувано му ја подари на Ристе Стефанов од таборот на „металците“. Колку беше збунувачка ситуацијата покажува и фактот што тогаш 19-годишниот талент и самиот шокиран од подарокот за малку ќе го промашеше зицерот од под кошот, со кој, сепак, му донесе триумф и финале на својот тим (62-61). По момент на тотална тишина, поради неочекуваниот развој на настаните, почна еуфоричната прослава на влезот во финалето на навивачите на МЗТ, кои претходно во текот на средбата често ги навредуваа своите миленици поради начинот на кој го играа натпреварот.

Во деновите по мечот имаше илјадници коментари и мислења околу завршницата на полуфиналната „мајсторка“ односно за потегот на Јоловиќ, кој за дел од нив беше сомнителен, а за другите плод на спортска паника во решавачките моменти. Самиот кошаркар тврдеше дека апсолутно немал никакви нечесни намери во пресудниот момент, а тогашниот Кошаркарски сојуз на Македонија (КСМ) воопшто не реагираше со некаква официјална истрага или санкција. Со текот на времето, овој контроверзен, а дефинитивно најчуден и најшокантен потег во историјата на македонското кошаркарско првенство полека отиде во заборав.

Колку за дополнително потсетување, тоа беше сезона на таканаречениот дрим-тим од Аеродром, кога во полусезоната беше направен бомбастичен трансфер со ангажманот на Тодор Гечевски токму од редовите на Никол Ферт. Сезоната како тренер ја почна Александар Тодоров, но на полусезона беше тргнат на страна од поискусниот Марин Докузовски, кој стартуваше како шеф на стручниот штаб.

А, во големото финале за титула, кошаркарите на МЗТ Скопје минаа како „боси по трње“, откако загубија со 0-3 од вечниот ривал Работнички, кој тогаш ја освои осмата титула во деветтото национално првенство. Единствен кој дотогаш му ги имаше замрсено сметките на составот од „Градски парк“ беше токму Никол Ферт и тоа претходната 2000 година, кога со 3-2 го совлада во финалната плејоф-серија.

За аеродромци во тогашното доигрување настапуваа Ѓорѓе Војновиќ, Ристе Стефанов, Дарко Станимировиќ, Златко Гоцевски, Тони Грнчаров, Стојан Маџунков, Гечевски, Марјан Србиновски, Срѓан Станковиќ, Дејан Димов како и Канаѓанецот Дејвид Дениелс и Американецот Лоренцо Ор. За гостиварци, пак, играа Ѓорѓи Књазев, Гоце Андревски, Марјан Илиевски, Слободан Петровски, Мирко Петрески, Јоловиќ, Александар Совковски, Перо Блажевски, Милан Сотировски како и Хрватот Јосип Сичиќ, Русинот Мишунов и Србинот Дејан Јефтиќ.

Сето ова е како своевидна увертира на вечерашната „мајсторка“ од плејоф полуфиналето помеѓу Карпош Соколи и Куманово, која од 19 часот ќе се одигра во скопската сала „Борис Трајковски“. Моменталниот скор во победи е 2-2, а екипата што ќе триумфира ќе се избори за финална пресметка со актуелниот првак, МЗТ Скопје

Игор Крстевски

Loading...