vesti24.mk
Uncategorized

Општина Прилеп привлечна за странски и домашни инвеститори

ECA
Прилеп полека, но сигурно, станува мета како за странските, така и за домашните инвеститори, информира Општината која ги следи стопанските движења и е директно надлежна за оспособување на индустриските зони во градот.

Како што соопшти, на располагање на домашните инвеститори им се двети индустриски зони „Прилеп 1“ и „Прилеп 2“, а на странските развојно-технолошката слободна зона кај Алинци.

По изградбата на инфраструктурата во Технолошката индустриско-развојна зона кај Алинци во што се вложени 147,6 милиони денари, две странски компании изградија објекти и почнаа со работа.

– Во ТИРЗ Прилеп почна со работа мултинационалната компанија, американскиот гигант во автомобилската индустрија „Гентерм“, инвестиција од 20 милиони евра каде во моментот работат околу 1.000 лица. Со отворањето на уште две нови хали, тенденцијата е да бидат вработени околу 2.000 луѓе. „Гентерм“ произведува делови за најпознатите светски брендови на автомобили. Лани се изгради и објектот на германската компанија „Акомпласт“ која почна со работа. Вкупната инвестиција е три милиони евра. Во оваа фабрика треба да се вработат околу 250 лица, информира локалната самоуправа.
И „Акомпласт“, додава, планира да гради уште две нови хали, а влез во зоната најави и германскиот гигант ВИК. Тоа ќе биде првата еколошка или „зелена фабрика“ во Македонија, прва од ваков вид во земјава. Капацитетот ќе се простира на 10.000 метри квадратни, а почетната инвестиција ќе изнесува околу 12 милиони евра. Изградбата на објектот се очекува да почне во текот на оваа година, во првата година би се вработиле 400 лица, со тенденција за две години да се искачи на 1.000.

Градските власти информираат дека во Прилеп влезе уште еден огромен светски бренд, компанијата „Филип Морис“, која направи стратегиско партнерство со Тутунскиот комбинат и се отвори новото претпријатие „Филип Морис Тутунски комбинат Прилеп доо Скопје“. Со ова се очекува стабилизирање на работењето на ТКП и зголемување на профитот.

Што се однесува до индустриските зони во градот, од прилепската локална самоуправа информираат дека се изгради поголем дел од инфраструктурата во индустриската зона „Прилеп 1“ со средства од општинскиот буџет, во висина од 27 милиони денари и грант од Светска банка вреден 124 илјади евра.

– Во оваа зона претходно беа продадени 21 локација. Моментно со работа се почнати две компании, а уште десетина се во изградба. Оваа зона во иднина се очекува да обезбеди над 1.500 вработувања. Во меѓувреме е изработен новиот ДУП за Индустриската зона „Прилеп 2“ каде веќе се продадени пет локации од вкупно 14 за изградба на помали економски капацитети (стоваришта и мало стопанство) кои во иднина ќе овозможат нови вработувања, а продажбата на локациите ќе продолжи и во текот на оваа година. Засега седум локации се во фаза на продажба, стои во соопштението.
Со новите детални урбанистички планови, освен индустриските зони „Прилеп 1“, „Прилеп 2“ и „Прилеп 3“, се планираат уште две нови зони „Прилеп 4“ и „Прилеп 5“.

Прилепската локална самоуправа потсетува дека со изградбата на гасоводот Неготино – Прилеп и експресниот пат Прилеп – Градско преку Плетвар ќе се зголеми и конкурентноста за привлекување и влез на домашни и странски инвеститори не само на Прилеп, туку и за целиот пелагониски регион.

– Гасоводот се гради во Тројачката котлина, во близина на Прилеп. Изградбата почна во јануари и ќе биде со должина од 92 километра, а инвестицијата е вредна 36 милиони евра. Изградбата на гасоводот треба да заврши во 2019 година, а во втората половина од 2018 година се очекува да помине покрај Прилеп. Гасификацијата за градот ќе значи многу за подобрувањето на квалитетот на живот на сите граѓани, намалување на трошоците за енергенси, подобрување на економијата и заштита на животната средина. Што се однесува до експресниот пат Прилеп-Градско, ќе биде во должина од 33,5 километри. Проценета вредност на буџетот за инвестицијата е 80,7 милиони евра. Ќе се гради до 2019 година во три фази. Сега е во тек втората фаза со која е опфатена делница долга 10 километри, од селото Фариш до Дреновската клисура, а чини 31,4 милиони евра, информира Општина Прилеп.

Loading...